сабота, 27 јули 2024

Русија вели дека пресретнала 3 француски авиони над Црно Море, француски извор демантира

Русија денеска соопшти дека пуштила борбен авион да пресретне три француски воени авиони што се приближувале до нејзината граница над Црно Море, инцидент што француски воен извор го демантираше.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руското Министерство за одбрана соопшти дека при приближувањето на рускиот ловец, странските летала се вратиле назад, прецизирајќи дека се работело за два рафали и еден радарски авион на француската армија.

„Рускиот авион без тешкотии се врати на својот аеродром од каде што полета. Немаше повреда на границата на руската држава“, додаде Министерството.

Воен извор за Франс прес рекол дека воздушната мисија била извршена во согласност со предвидениот лет во меѓународниот простор и дека немало никаков инцидент.

Пресретнувањето е операција во која се лета кон летало за кое се смета дека е премногу блиску или дека навлегло во воздушниот простор.

Инцидентите со руски авиони и авиони на земјите на НАТО, чиј член е Франција, се релативно чести и се случуваа уште пред конфликтот во Украина.

Тие често се појавуваат над Црно Море, но и над Балтичко Море и на други места.

Денешниот инцидент, сепак, следува по изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела кога тој не ја исклучи можноста за испраќање западни трупи во Украина, опција што ја отфрлија повеќето западни сојузници.

Иако ги потврди своите зборови, Макрон денеска сепак рече дека не сака „ескалација“ со Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ