среда, 23 октомври 2024

Русија: Украина не би го нападнала Северен тек без дозвола од САД

Рускиот амбасадор во Вашингтон кажа дека не верува дека Киев би го нападнал гасоводот Северен тек без одобрение од Соединетите Американски Држави и дека Русија ќе ги идентификува и казни оние кои стојат зад нападот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нагло паѓање на притисокот во гасоводите во Балтичко Море беше забележано на 26 септември 2022 откако сеизмолозите детектираа експлозии, што предизвика бран нагаѓања за тоа кој го саботирал проектот вреден повеќе милијарди долари кој рускиот гас го пренесуваше во Германија.

Никој не презема одговорност за експлозиите во кои беа уништени три од четирите цевки на гасоводот кај данскиот остров Борнхолм.

Волстрит џурнал објави вчера дека украински воен командант го одобрил нападот на гасоводите во 2022 и покрај предупредувањето на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) до украинскиот претседател Володимир Зеленски да не го изведува нападот.

„Тие се обидуваат целата одговорност да ја префрлат на своите украински марионети. Ќе ги идентификуваме вистинските извршители на нападот и ќе ги казниме“, кажа рускиот амбасадор Анатолиј Антонов во изјавата за Северен тек.

Русија повеќе пати кажа дека нападот на Северен тек го извеле САД и Британија, а Вашингтон и Лондон ги отфрлаат обвинувањата.

Њујорк тајмс, Вашингтон пост и Волстрит џурнал известија дека зад нападот стои украинската власт, која повеќе пати ја негираше својата вмешаност.

Антонов истакна дека е неверојатно дека Украина би го нападнала Северен тек без одобрување од Вашингтон. Експлозиите беа предизвикани во економските поморски зони на Шведска и Данска.

Двете земји изјавија дека експлозиите биле предизвикани, но не кажаа јавно кој е одговорен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ