сабота, 27 јули 2024

Русија уапси уредник на Радио Слободна Европа

Русија ја приведе Алсу Курмашева, уредник на Радио Слободна Европа/Радио Слобода затоа што не се регистрирала како странски агент додека ја посетувала Русија поради семеен итен случај, објави медиумот финансиран од САД.

Објавено на

часот

Сподели

Русија ја зајакна контролата врз медиумите од почетокот на инвазијата на Украина, принудувајќи голем број медиумски куќи да затворат и прогласувајќи голем број новинари и публикации за „странски агенти“.

Откако дописникот на Волстрит журнал Еван Гершкович беше уапсен во март, обвинет за шпионажа, речиси сите американски новинари ја напуштија Русија. Стејт департментот ги повикува сите американски граѓани да ја напуштат земјата.

Алсу Курмашева, уредник на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РС), американска и руска државјанка, отпатувала во Русија на 20 мај поради итна семејна ситуација, јавува Ројтерс. Кога се обидела да ја напушти државата, била приведена и ѝ биле одземени пасошите. Таа е казнета затоа што не го регистрирала американскиот пасош.

На 18 октомври, руските власти објавија дека Курмашева, која работи од Прага, е обвинета затоа што не се регистрирала како „странски агент“, објави РСЕ/РС. Називот, со конотации од времето на Студената војна, се користи во Русија за означување на организации, новинари, активисти, поп ѕвезди и писатели за кои се верува дека се политички ангажирани со странска помош.

„Алсу е високо почитувана колешка, посветена сопруга и мајка на две деца“, изјави претседателот на нејзиниот медиум Џефри Гедмин. „Таа мора да биде ослободена за да може веднаш да се врати кај своето семејство“, рече тој. Руската новинска агенција Татар-Информ тврди дека Курмашева собирала информации за руската воена активност. Таа се соочува со затворска казна до пет години.

РСЕ/РС, со седиште во Прага и Вашингтон, „промовира демократски вредности преку обезбедување точни, нецензурирани вести и отворена дебата во земјите каде што слободата на медиумите е под закана и дезинформациите се широко распространети“, се опишува тој медиум. Финансиран е од американскиот Конгрес преку Агенцијата за светски медиуми. За време на Студената војна, РСЕ/РС ги информираше слушателите зад Железната завеса. Тој медиум наведува дека вмешаноста на американската разузнавачка агенција ЦИА во неговата работа завршила во 1972 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ