сабота, 27 јули 2024

Русија: Судот им го продолжи притворот на адвокатите на Алексеј Навални

Судот во Москва денеска го продолжи до 3 август истражниот притвор на тројцата адвокати на противникот на Кремљ Алексеј Навални, кој почина во затвор во февруари оваа година, јави руската новинска агенција РИА Новости.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Алексеј Липсер, Игор Сергунин и Вадим Кобзев, обвинети за „екстремизам“, кривично дело казниво со тешки затворски казни, беа уапсени минатиот октомври, а потоа ставени на листата на „екстремисти“. Оттогаш, притворот им беше неколкупати продолжуван.

Судот денеска го одобри барањето на истражителот за повторно продолжување на притворот.

Адвокатите, на кои им се заканува затворска казна до шест години, се обвинети дека на Навални, кој беше затворен во Русија од јануари 2021 година до неговата смрт на 16 февруари оваа година, му дале информации што му овозможиле „да планира, подготвува и врши екстремистички злосторства“ од ќелијата.

„Ние сме обвинети дека му дававме информации на Навални. На Навални повеќе не му требаат, тој е мртов“, рече еден од адвокатите Вадим Кобзев за време на сослушувањето.

Уапсен во Москва во јануари 2021 година, по враќањето од Германија, каде што беше хоспитализиран откако беше жртва на труење за што го обвини Кремљ, Алексеј Навални потоа беше осуден на неколку затворски казни.

Во август 2023 година, беше осуден на 19 години затвор за „екстремизам“.

Неговата организација, Фонд за борба против корупцијата (ФБК), исто така е класифицирана како „екстремистичка“ во Русија од 2021 година.

Познат по своите антикорупциски истраги, Навални од затвор претежно комуницирал преку пораки што ги испраќал до адвокатите, во кои конкретно ја осудува руската инвазија на Украина и ги повикува Русите на „отпор“.

Околностите за неговата смрт во казнената колонија на Арктикот остануваат нејасни.

Според специјализираната невладина организација ОВД-Инфо, од почетокот на конфликтот во Украина се уапсени речиси 20.000 Руси поради протести против политиката на Кремљ.

Речиси сите главни противници се зад решетки, како Владимир Кара-Мурза и Илија Јашин, или се во егзил во странство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ