сабота, 27 јули 2024

Русија стана најголемиот кинески снабдувач на сурова нафта

Русија ја надмина Саудиска Арабија и стана најголемиот снабдувач на Кина со нафта во 2023 година, според најновите податоци на кинеската царина, пренесува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кина, најголемиот светски купувач на сурова нафта, минатата година увезе рекордно количество руска нафта по поволни цени, искористувајќи ја очајната потрага на Москва по нови купувачи поради западните санкции.

Количината на руска сурова нафта испорачана во Кина скокна за 24 отсто во 2023 година на 107,2 милиони тони во споредба со 2022 година, според податоците објавени од кинеската царинска управа во саботата.

Тоа ѝ помогна на Русија да ја престигне Саудиска Арабија како најголем снабдувач на Кина со сурова нафта оваа година. Саудиска Арабија испорача 85,96 милиони тони сурова нафта во Кина во 2023 година, што е за 2% помалку во однос на 2022 година.

Русија стана најголемиот снабдувач на Кина со нафта пред осум години, но заостана зад Саудиска Арабија помеѓу 2019 и 2021 година, кога заливската држава ја зголеми енергетската трговија со Пекинг.

Сепак, од 2022 година, Кина го зголеми купувањето на поевтината руска нафта откако Западот воведе невидени санкции кон Москва. Кинескиот увоз на руска сурова нафта се зголеми за 8% во 2022 година на 86,24 милиони тони во споредба со 2021 година. Индија исто така силно го зголеми увозот на руска нафта.

„Кина го максимизираше својот увоз на евтина сурова нафта“, рече Вандана Хари, основач на компанијата Ванда инсајт со седиште во Сингапур. „Руската нафта беше далеку поевтина од сите споредливи понуди во 2023 година, но ограничена на кинескиот и индискиот пазар“, рече таа.

Вкупната кинеска потрошувачка на руска сурова нафта минатата година изнесуваше над 60 милијарди долари. Според тоа, просечната увозна цена беше 566,64 долари за тон, според пресметките на Си-ен-ен. Тоа беше околу 10% помалку од просечната цена што ја плаќаше за саудиската сурова нафта, која изнесуваше 626,86 долари за тон.

Руските попусти на нафта ѝ помогнаа на Кина да ги намали сметките за енергија. И покрај зголемувањето на вкупниот обем на увоз на сурова нафта од 11%, вклучително и нафтата од Саудиска Арабија и Ирак, кинеската потрошувачка за купување нафта всушност падна за 7,7% во 2023 година на 337,5 милијарди долари, во споредба со 2022 година.

Покрај енергетиката, Пекинг и Москва ги зајакнаа врските и во други области во последните две години.

Вкупната трговска размена меѓу Кина и Русија достигна нов рекорд од 240 милијарди долари во 2023 година, што е за 26% повеќе во однос на претходната година.

За две години од инвазијата, бројни светски брендови и компании ја напуштија Русија. Ова им отвори простор на кинеските компании, од паметни телефони до автомобили, да го најдат својот пат до рускиот пазар.

Минатиот месец, кинескиот лидер Си Џинпинг го поздрави партнерството на Пекинг со Москва на состанокот со рускиот премиер Михаил Мишустин.

Трговските податоци покажаа „силна отпорност и добри изгледи за понатамошен напредок“, рече Си за време на состанокот во Пекинг.

Двете страни треба „целосно да ја искористат предноста на политичката взаемна доверба“ и „да ја продлабочат соработката во економијата, трговијата, енергијата и поврзувањето“, додаде Си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ