Пред самитот во втората половина од овој месец министрите за финансии и гувернерите на централните банки на БРИКС се сретнаа минатата недела во Москва. Русија во моментов претседава со групата. Домаќинот на состанокот, рускиот министер за финансии Антон Силуанов кажа дека глобалниот финансиски систем го контролираат западните земји и дека БРИКС претставува 37 отсто од глобалната економија и дека мора да понуди алтернатива.
„ММФ и Светската банка не ги исполнуваат задачите кои им се доверени. Не работат во интересот на земјите од БРИКС. Треба да се формира нова рамка или дури нови институции, слични на институциите на Бретон Вудс, но во рамки на нашата заедница, во рамки на БРИКС“, објасни Силуанов.
Земјите од БРИКС разговараат и за формирање агенција за кредитен рејтинг, пренесува руската новинска агенција ТАСС, за да се олеснат инвестициските процеси во групата.
„За жал, и рејтинг агенциите се дел од западната инфраструктура и се подложни на политизација. Затоа е нужна заедничка рејтинг агенција за нашите компании да можат да вложуваат во земјите од БРИКС, за нашите издавачи на хартии од вредност да добијат оценки не само од западните рејтинг агенции туку и од агенции кои работат во БРИКС“, кажа рускиот министер.
Иако западните земји ѝ воведоа санкции, Русија сè уште дава заеми и инвестира на меѓународниот пазар и е заинтересирана за формирање на новите институции, објасни Силуанов. „Формирањето сопствени финансиски институции, надвор од политиката, е тема на која разговараме затоа што сме заинтересирани, затоа што животот оди понатаму, па така и инвестициите и кредитите“, наведе тој.
Гувернерката на руската централна банка Елвира Набиулина го спомнува системот за плаќање БРИКС бриџ кој би ги поврзувал финансиските системи на земјите членки, но проектот бавно напредува. Членките на БРИКС досега ја формираа Новата развојна банка за да финансираат инфраструктурни проекти и проекти на одржлив развој.