вторник, 22 октомври 2024

Русија сака да го забрани Дојче веле

Пратениците на руската Државна дума поднесоа барање Дојче веле (ДВ) да се прогласи за „непожелна организација“, што би било еднакво на забрана, пренесува ДВ.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Претставници на долниот дом на Рускиот парламент предложија ДВ и британската фондација Британски совет да бидат ставени на листата на „непожелни организации“. Соодветно барање е проследено до руското Генерално обвинителство, изјави претседателот на Комитетот за безбедност и антикорупција, Василиј Пискаров.

Според Пискаров, било предложено на ДВ и на Британскиот совет да им се забрани каква било активност во Русија. „Ова вклучува блокирање на нивните сметки, затворање на канцелариите и филијалите и забрана за ширење информации. А оние кои ќе продолжат да соработуваат со нив ќе бидат административно и кривично гонети“, рече Пискаров.

На 3 февруари 2022 година, руските власти веќе го забранија емитувањето на ДВ во Русија, а во март истата година го ставија на списокот на „странски агенти“.

Генералниот директор на ДВ, Питер Лимбург, тогаш го осуди рускиот потег и рече дека тоа е „уште една произволна одлука на руските власти што за жал се очекуваше. Тоа е уште еден чекор во нападот врз слободата на медиумите и нов обид да се отсече руското население од слободните информации“.

Во Русија, на 19 август 2024 година, стапија на сила измените на законот кои овозможуваат сите организации, чии основачи или учесници се државни органи на странски земји, да бидат прогласени за „непожелни“. Пред овие измени, само невладини организации можеа да се прогласуваат за „непожелни“.

Законот предвидува строги казни: максималната казна за учество во активностите на таквите организации е до четири години затвор, заедно со одземање на правото за вршење на одредени функции. Во случај на финансирање, казната е до пет години, додека за организирање на активности казната е до шест години.

Бројот на „непожелни“ организации во Русија значително порасна од почетокот на војната против Украина. Според пресметките на новинарот, руските власти во 2022 година прогласиле 23 организации за „непожелни“, додека во 2023 година бројката била 58. А до 14 август 2024 година, 186 организации имале статус на „непожелни“ во Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ