„Преговорите за влегување во ЕУ можат да траат со години или децении. ЕУ отсекогаш имала строги услови за приклучување и сосема е јасно дека ни Украина ни Молдавија не ги исполнуваат критериумите“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на новинарите.
„Јасно е дека е тоа апсолутно политичка одлука, дека ЕУ сака да покаже солидарност со тие земји. Но, таквите нови членки би можеле да ја дестабилизираат ЕУ и имајќи предвид дека сме на истиот континент, нормално дека тоа внимателно го следиме“, додаде тој.
Европските лидери на самитот се договорија да отворат преговори со Украина иако во моментов војува со Русија, која повторува дека војната ќе продолжи додека на ги исполни своите цели. Лидерите го заобиколија противењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан со тоа што тој ја напушти салата во моментот кога се гласало за тој чекор.
„Тоа е единствен случај, да се причека некој да оди на кафе, па во негово отсуство да се донесат одлуки“, кажа Песков со иронија. ЕУ се договори и Грузија, која како Украина и Молдавија е поранешна советска република, да стане кандидат за членство.
„За жал, желбата на ЕУ да ја демонстрира таа политичка волја е во голема мера одредена од желбата што повеќе да се изнервира Русија и да се антагонизира ЕУ во однос на Русија“, кажа Песков. Самитот поради унгарската блокада не договори 50 милијарди евра помош за Украина.
„Унгарија има свои интереси и, за разлика од бројни други членки, цврсто ги брани. Импресионирани сме од тоа“, истакна Песков.