понеделник, 10 март 2025

Русија обвини двајца британски дипломати за шпионирање

На двајца вработени во амбасадата на Велика Британија им било кажано да ја напуштат Москва во рок од две недели.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На двајца британски дипломати им беше одземена акредитацијата во Русија откако се вклучија во шпионски активности, соопшти Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Во соопштението денеска агенцијата рече дека нејзините оперативци „откриле непријавено разузнавачко присуство“ во амбасадата на Велика Британија во Москва.

Било утврдено дека двајцата британски дипломати „вршеле разузнавачки и субверзивни работи што ја загрозуваат безбедноста на Русија“, се наведува во соопштението.

Наводно, вториот секретар на британската амбасада и сопругот на првиот секретар на политичкиот оддел на амбасадата намерно дале лажни информации при добивањето дозвола за влез во Русија, со што ги прекршиле законите на земјата, соопшти ФСБ.

Руското Министерство за надворешни работи, во соработка со други агенции, затоа одлучи да им ја одземе акредитацијата на двајцата дипломати, наредувајќи им да ја напуштат земјата во рок од две недели, се додава.

„ФСБ ќе продолжи да се спротивставува на разузнавачките и субверзивните активности на странските разузнавачки служби користејќи ги сите расположливи средства“, се вели во соопштението.

Министерството за надворешни работи во Москва соопшти дека повикало претставник на британската амбасада поради одземањето на акредитациите на двајцата британски дипломати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ