среда, 19 март 2025

Русија нападна две украински болници откако Путин го отфрли планот на Трамп за прекин на огнот, Украина возврати (ВИДЕО)

Русија и Украина рано утринава меѓусебно се обвинија за воздушни напади кои предизвикаа пожари и оштетена инфраструктура само неколку часа откако претседателот Владимир Путин се согласи на ограничен прекин на огнот во руската војна против Украина.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин и американскиот претседател Доналд Трамп вчера се договорија за ограничен 30-дневен прекин на огнот против цели на украинската енергетска инфраструктура, додека преговорите за поширок мировен план ќе започнат „веднаш“, соопшти Белата куќа.

Путин, објави Кремљ по долгиот телефонски разговор меѓу двајцата лидери, ѝ наредил на руската војска да престане да ги напаѓа енергетските капацитети. Но, Путин не го прифати поширокиот предлог на САД за 30-дневен прекин на огнот што Трамп го сметаше за прв чекор кон траен мировен договор.

Украинскиот претседател Зеленски, кој се согласи на целосен 30-дневен прекин на огнот, по телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп рече дека ќе поддржи ограничен прекин на огнот, но го повика светот да ги блокира сите обиди на Москва да ја продолжи војната.

Неколку часа подоцна, двете страни пријавија напади на своја територија. „Русија напаѓа цивилна инфраструктура и луѓе во моментов“, изјави Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, во текот на ноќта на платформата Телеграм.

Неколку украински извори објавија дека набргу по разговорите Трамп-Путин, Русија ја нападнала енергетската инфраструктура во градот Славјанск, која останала без струја.

Регионалните власти во регионот Суми во североисточна Украина соопштија дека руските напади со беспилотни летала оштетиле две болници, при што немало повредени, но барало евакуација на пациентите и болничкиот персонал.

Еден 60-годишен маж е повреден, а неколку куќи се оштетени во напад со руски дронови во областа околу украинскиот главен град Киев, изјави рано во средата регионалниот гувернер Микола Калашник.

Зеленски рече дека Русија лансирала повеќе од 40 дронови во Украина неколку часа по повикот меѓу Трамп и Путин.

Властите во областа Краснодар во јужна Русија рано утринава соопштија дека украинско беспилотно летало предизвикало мал пожар во складиште за нафта во близина на селото Кавказскаја. Во пожарот кој се прошири на 20 квадратни метри нема повредени, но 30 вработени се евакуирани, објавија регионалните власти на Телеграм.

Руската агенција за цивилно воздухопловство Росавијација соопшти дека ги суспендира летовите од аеродромите во Казан, Нижни Новгород и Нижнекамск, кои се на стотици километри источно од Москва, за „да се обезбеди безбедност на воздушниот сообраќај“.

Агенцијата не ја наведе причината за суспензијата, но вообичаено ги суспендира летовите кога има извештаи за напади со беспилотни летала.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ