сабота, 27 јули 2024

Русија најави вежби за тактичко нуклеарно оружје

Русија денеска објави дека планира да одржи вежби кои симулираат употреба на нуклеарно оружје во близина на границата со Украина, кое се нарекува и тактичко нуклеарно оружје, пренесува Си-би-ес.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најавата на Русија доаѓа пред инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин за петти мандат и неколку дена пред Москва да го прослави Денот на победата, најважниот секуларен празник во Русија, во чест на нејзината победа над нацистичка Германија во Втората светска војна.

„Вежбите се одговор на провокативните изјави и заканите на одредени западни претставници во однос на Руската Федерација“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Ова е првпат Русија јавно да најави вежби со користење на тактичко нуклеарно оружје, иако нејзините стратешки нуклеарни сили редовно одржуваат такви вежби.

Тактичкото нуклеарно оружје вклучува воздушни бомби, боеви глави за ракети со краток дострел и артилериска муниција и е наменето за употреба на бојното поле. Тие се помалку моќни од масивните боеви глави кои ги носат интерконтиненталните балистички ракети, дизајнирани да уништуваат цели градови.

Најавата на Русија е предупредување до западните сојузници на Украина да не се мешаат подлабоко во двегодишната војна. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и некои од неговите западни партнери предупредија дека ако Русија не биде запрена, конфликтот може да се прелее надвор од Украина во војна меѓу НАТО и Русија.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела повтори дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина, а британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека силите на Киев ќе можат да користат британско оружје со долг дострел за напади на цели во Русија. Некои други земји од НАТО кои доставуваат оружје за Киев ја отфрлија таа можност.

Кремљ ги означи коментарите како опасни, зголемувајќи ги тензиите меѓу Русија и НАТО. Војната веќе значително ги затегна односите меѓу Москва и Западот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека неодамнешната изјава на Макрон и другите забелешки на британските и американските официјални лица ги поттикнале нуклеарните вежби.

„Тоа е нова рунда на ескалација. Тоа е без преседан и бара посебно внимание и посебни мерки“, ги коментираше Песков изјавите на западните сојузници на Украина, пишува Си-би-ес.

„Коментарите на Макрон и Камерон би можеле да го турнат нуклеарно вооружениот свет кон глобална катастрофа“, рече Дмитриј Медведев, заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност, со кој претседава Путин.

Објавата на Русија не предизвика големи реакции во Украина. Портпаролот на воената разузнавачка агенција Андриј Јусов на националната телевизија изјави дека „нуклеарната уцена е вообичаена практика на режимот на Путин“. „Тоа не е новост“, коментираше Јусов.

Вашингтон реагираше со слична ноншалантност, при што портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, им рече на новинарите дека тоа е „уште еден пример за неодговорната реторика од Русија“ и истакна дека американските власти не забележале никакви промени во руските стратешки нуклеарни сили, мислејќи на нејзините интерконтинентални ракети, пишува Си-би-ес.

Западните власти ја обвинија Русија за закана за поширока војна преку провокативни дејства. Земјите на НАТО минатата недела изјавија дека се длабоко загрижени од кампањата на хибридни активности на тлото на алијансата, обвинувајќи ја Москва дека стои зад нив, велејќи дека тие претставуваат безбедносна закана.

Песков ги отфрли тврдењата како „нови неосновани обвинувања насочени кон Русија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ