понеделник, 6 јануари 2025

Русија најави одмазда против Украина за употребата на американски ракети

Русија денеска вети дека ќе ѝ возврати на Украина откако претходниот ден истрела американски ракети АТАКМС, напад кој претставува црвена линија во конфликтот за Кремљ.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Тие акции на режимот во Киев, поддржани од неговите западни тутори, ќе бидат предмет на одмазда“, предупреди руската војска во соопштението.

Во последниве недели, рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ќе ѝ нареди на својата војска да го гаѓа центарот на Киев како одговор на украинските напади со американските ракети АТАКМС или британските ракети „сторм шедоу“, но досега не успеа да го стори тоа.

Претходно денеска руската армија соопшти дека претходниот ден при тој напад пресретнала осум ракети АТАКМС насочени кон рускиот регион Белгород, кој се наоѓа на границата со Украина, и 72 беспилотни летала.

Руската армија не прецизираше дали има жртви или материјална штета во нападот.

Во ноември, администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден ја одобри употребата на тие ракети од страна на Киев по долго противење, одговарајќи на извештаите за пристигнувањето на севернокорејските војници во поддршка на Русите.

Киев изврши повеќе напади користејќи ги ракетите со долг дострел, како и со британските ракети „сторм шедоу“.

Русија возврати со гаѓање за првпат со експериментално хиперсонично оружје „Орешник“ и вети дека ќе одговори секогаш кога Украина ќе изврши напад на руска територија со такво оружје.

Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, изјави во средината на декември дека се противи на употребата на американските ракети АТАКМС од страна на украинската војска, тврдејќи дека тоа води кон интензивирање и ескалација на конфликтот.

Во одделни напади, две лица се ранети од украинско беспилотно летало врз градот Шебекино во близина на границата со Украина, изјави гувернерот на рускиот регион Белгород, Вјачеслав Гладков.

Најмалку десет лица се ранети во украинскиот напад на фронтот во градот Горливка, на територијата окупирана од Москва на истокот на Украина, изјави градоначалникот Иван Приходко.

Северно од таму, руската армија објави дека го освоила малиот град Надја во областа Луганск во Украина, кој го анектираше во 2022 година и кој го контролира речиси целосно.

Четири лица се ранети во напад со руски беспилотни летала на југот на Украина, изјави шефот на градската воена управа на Херсон, Роман Мрочко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ