вторник, 28 мај 2024

Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, ќе изгубите повеќе од нас

Претседателката на горниот дом на рускиот парламент, Валентина Матвиенко, ја предупреди Европа дека Русија веќе подготвила закон за одмазда ако Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и го употреби за оружје за Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година, Соединетите Американски Држави и нивните сојузнички забранија трансакции со руската централна банка и министерството за финансии, блокирајќи околу 300 милијарди руски имот на Западот.

Американските власти сакаат да го запленат имотот за да продолжат да му испраќаат оружје на Киев, иако истакнати светски економисти и европски функционери се загрижени дека таквото одземање на имотот би создало опасен преседан.

Американскиот претставнички дом усвои во саботата закон со одредба која овозможува запленување на рускиот имот, но најголемиот дел на рускиот имот не е во САД туку во Европа.

„Имаме подготвен одговор“, изјави Матвиенко. „Имаме нацрт закон со мерки за одмазда кој сме спремни веднаш да го изгласаме. А Европејците ќе изгубат повеќе од нас“, кажа Матвиенко, која е членка и на моќниот руски Совет за безбедност.

Кремљ во повеќе наврати порача дека какво било запленување на неговиот имот би било спротивно со принципите на слободниот пазар кои Западот ги промовира и дека би ја поткопало довербата во доларот и еврото, истовремено одвраќајќи ги глобалните инвестиции и поткопувајќи ја довербата во западните централни банки.

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин кажа вчера дека Русија има основа да го заплени западниот имот на своја територија по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.

Володин кажа дека од 280 милијарди долари руски имот замрзнат во странство само 5 до 6 милијарди се во САД, додека околу 210 милијарди се во Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ