сабота, 18 мај 2024

Русија, Индија и Кина против САД и Западот за реформите во ОН

Објавено на

часот

Сподели

Секоја од земјите, особено оние земји членки на постојаниот состав на Советот за безбедност, оваа реформа си ја замислува според сопствените интереси, а не според генералните определби на ОН каде секоја земја членка треба да биде рамноправна.

И САД и нивните сојузници се за реформи во ОН, но тие тоа го посакуваат во согласност со нивните интереси. А тоа е Светската организација да се претвори во инструмент за притисок и дискриминација на непосакуваните земји. За оваа реформа се зборува веќе повеќе од една деценија. Неуспехот во усогласувањето на тоа како да се реформира Советот за безбедност едноставно ги турка ОН во уште подлабока криза во системот.

Главниот проблем е желбата на Западот да го одржи своето безусловно глобално лидерство. Се разбира дека Русија, Кина, Индија… не се согласуваат со ваквото посакувано безусловно лидерство и ја отфрлаат западната доминација. Се бара проширување на земјите членки во постојаниот и во непостојаниот состав на Советот за безбедност. Но, прашањето секогаш е со кои земји?

САД се за брза реформа на ОН, но според нивните интереси, кои немаат никаква врска со основите на постоењето на Светската организација и спортивно на меѓународното право. Повторно, тенденцијата е тежината на гласот на една земја да се мери според нејзините економски параметри, прва и втора класа, а не според основниот принцип на еднаквост и на рамноправен глас.

А ОН е универзална платформа каде гласот на секоја земја треба да биде еднаков и да биде слушнат. Така барем пишува во основачките документи. А ова треба да е така за да остане водечка улогата на ОН во решавањето на меѓународните спорови.

На пример Индија е за проширување на членството во Советот за безбедност на ОН, и во постојаниот и во непостојаниот дел од членството. Тие сметаат дека треба да се постигне вистинска реформа на Советот за безбедност и да се направи тој легитимен, репрезентативен, одговорен и ефективен. А тоа значи во Советот за безбедност да влезат и гласовите на земјите во развој и незастапените региони, како на пример Африка, Латинска Америка, Азија и Пацифик.

Наспроти ова стојат интересите на западните земји кои се обидуваат да ги промовираат своите интереси, кои не секогаш се во согласност со меѓународното право.

За реформата во ОН зборуваше и американскиот претседател Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп, кој постојано ја критикуваше организацијата, посочувајќи ги недостатоците во нејзината работа поради бирократијата и лошото управување.

Главното прашање е бројот на постојани земји членки на Советот за безбедност. Сега се 5, а веќе се предлага и бројката 11. Сериозни се плановите за зголемување на бројот и на непостојаните земји членки на СБ. Кој ќе го има правото на вето? Кои земји ќе станат членки? Ова се најсензитивните прашања околу кои треба да се постигне договорот за реформата на ОН.

На пример, САД се залагаат за вклучување на Германија и Јапонија во Советот за безбедност. Наспроти ова е предлогот во СБ да влезат влијателни земји во развој од Азија, Африка и Латинска Америка, кои ги одразуваат интересите на голем дел од светското население.

За време на некои од сесиите на Генералното собрание на ОН во 2022 година некои западни лидери дури повикаа на реформи во Советот за безбедност на ОН со отстранување на Русија од нејзиното членство или барем да се ограничи нејзиното право на вето. Францускиот претседател Емануел Макрон на една од конференциите за безбедност во Минхен рече дека  една од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН ги прекршува правилата што требаше да ги заштити за реформирање и обнова на Советот.

Очигледно е дека и последните случувања во Украина само ја засилија потребата од реформирање на организацијата. Но, постапката за вакви измени не е пропишана во Повелбата на ОН. Тоа значи дека прво треба да се промени Повелбата, а тоа пак значи двотретинско гласање во Генералното собрание. Промената потоа ќе мора да биде ратификувана од две третини од земјите-членки на ОН, заедно со сите постојани членки на Советот за безбедност. А секоја од нив, во секое време може да го искористи и своето право на вето.

Многу експерти оценуваат дека ОН денес е институционален израз на желбата на Западот да го зачува меѓународниот поредок онаков каков што е. За Соединетите Американски Држави и Европската Унија, одржувањето на нивната доминација во Советот за безбедност на ОН е од фундаментално значење.

И покрај тоа ОН и натаму се сметаат за последниот „столб“ на релативно стабилниот светски поредок. Но, ОН какви што ги знаеме денес се резултат на компромис во кој Западот ја одржува својата надмоќ додека другите земји се обидуваат да ги игнорираат неправдите кон нивните основни интереси. Во моментов, ОН дејствуваат повеќе како отворена платформа за комуникација меѓу претставниците на различни земји, наместо само како тело на меѓународната заедница. И покрај ова, САД и нивните сојузници се обидуваат да ја ограничат оваа функција бидејќи американските власти сè повеќе го користат своето право да го контролираат пристапот до територијата на која се наоѓа седиштето на ОН со цел да ги заштитат своите политички интереси.

Поминаа речиси 80 години од создавањето на ОН и за овој период светот драматично се промени, а самата организација остана во голем дел непроменета и стана гломазна бирократска структура.

Александар Стојановски, Брисел

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ