вторник, 22 октомври 2024

Русија го повика германскиот амбасадор на разговор поради НАТО база на Балтичко Море

Руските власти денес го повикале германскиот амбасадор во Москва на разговор во знак на протест поради отворањето нова база на НАТО на Балтичко Море, чија цел е координација на силите на државите членки во зоната блиску до Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Амбасадорот на Германија во Москва е повикан во руското министерство за надворешни работи и вложен му е силен протест“, се наведува во соопштението на руската дипломатија.

„Вашингтон, Брисел и Берлин мора да знаат дека ширењето на воената инфраструктура на НАТО на територијата на поранешна Источна Германија (ДДР) ќе има најнегативни последици и дека нема да остане без одговор“, се додава во соопштението.

Според Москва, ваквиот пристап на германските власти е „продолжување на тивката ревизија на резултатите од Втората светска војна и милитаризација на земјата’.

Руските власти сметаат дека се прекршени одредбите на Московскиот договор од 1990 со кој се воспоставува меѓународниот статус на Германија по нејзиното повторно обединување и кој забранува стационирање и распоредување на странски сили на територијата на поранешна ДДР.

„Баравме итно и исцрпно објаснување од Берлин“ за отворањето на овој штаб на НАТО, наведе руското министерство.

Руската дипломатија повлече паралела со „ремилитаризацијата на Рајнската област во 1936 година“, клучната епизода на патот на Германија кон Втората светска војна, и го обвини Западот дека не ги научил лекциите од таа приказна.

Според тврдењата на германската војска, базата која се наоѓа во Росток на Балтичко Море ќе има цел да ги „координира поморските активности“ и на западниот воен пакт да му пружи „актуелна слика за поморската ситуација“ во таа област.

Исто така ќе има цел да ги брани интересите на државите членки на НАТО пред „агресивните акции, особено поради близината на Русија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ