петок, 26 јули 2024

Русија ги ракетираше Киев и Лавов, руска ракета влегла околу два километри во полска територија

Русија денес лансирала 57 проектили и дронови на Украина, вклучувајќи напад на Киев и западноукраинскиот регион Лавов, соопштија властите, а полските оружени сили велат дека една од руските крстосувачки ракети накратко го нарушила воздушниот простор на Полска, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Воздухопловството на Украина уништи 18 од 29 ракети кои ги лансираше Русија и 25 од 28 дронови“, соопштија украинските воздухопловни сили на Телеграм.

Неколку експлозии го потресле Киев утринава, а украинските противвоздушни сили наводно уништиле десетина ракети кои Русија ги лансирала на главниот украински град и неговата околина.

Русија со денови ја бомбардира Украина во напади кои Москва ги прикажува како одмазда за украинските напади за време на неодамнешните претседателски избори.

„Трето утро пред зори оваа недела, целата Украина е под воздушна тревога и советувано е да се побара засолниште“, објави американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк на социјалната мрежа Икс.

„Русија продолжува неселективно да лансира дронови и ракети не водејќи сметка за милионите цивили, кршејќи го меѓународното право“, објави таа.

Оружените сили на Полска соопштија дека една од руските крстосувачки ракети лансирана на регионот Лавов во западна Украина го нарушила воздушниот простор на Полска, пренесува Ројтерс.

„Објектот влезе во полскиот простор во близина на градот Осердов и остана таму 39 секунди“, соопштија полските оружени сили на Икс. „За време на целиот лет го следеа воени радарски системи“.

Портпаролот на полската армија нешто подоцна порача дека руската ракета влегла околу два километри во полска територија, и дека сега полскиот воздушен простор е безбеден, како и дека во моментов не се одвиваат напади на Украина.

Оружените сили претходно соопштија дека за време на нападот биле активирани полски и сојузнички авиони за да се обезбеди полскиот воздушен простор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ