вторник, 22 октомври 2024

Русија евакуираше уште илјадници луѓе, тврди дека ја вратила контролата над една населба

Русија денеска почна да евакуира уште илјадници луѓе од пограничните региони, откако Украина објави дека напреднала подлабоко на руска територија во ненадејниот напад, чија цел е да ја принуди Москва да го забави напредувањето на остатокот од фронтот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најголемиот напад на суверена руска територија од Втората светска војна се случи на 6 август, кога илјадници украински војници упаднаа преку западната граница на Русија, засрамувајќи го руското воено раководство.

Со поддршка на роеви беспилотни летала, тешка артилерија и тенкови, украинските војници зазедоа дел од најголемата нуклеарна сила во светот, а денес борбите се водат долж фронтот на околу 18 километри во руската територија.

Вршителот на должноста гувернер на Курск, Алексеј Смирнов, изјави дека квартот Глушков, кој има 20.000 жители, се евакуира. Според руските податоци, досега се евакуирани најмалку 200.000 луѓе од пограничните области.

Руските власти прогласија вонредна состојба во областа Белгород, која се граничи со Курск, изјави рускиот функционер Александар Куренков. „Ситуацијата во регионот останува сложена и напната. Како резултат на терористичките напади на украинските вооружени групи во регионот на Белгород, оштетени се станбени куќи и инфраструктура, има загинати и повредени граѓани“, рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека украинските сили напреднале неколку километри и дека се постигнува целта за пополнување на „фондот за размена“ на воени заробеници. Еден украински функционер рече дека Киев создава тампон зона за да го заштити своето население од напади.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руските сили собориле украински беспилотни летала над соседниот регион Белгород во Русија и дека бомбардерите Сухој-34 ги гаѓале украинските позиции во Курск. Министерството, исто така, извести за интензивни борби долж линијата на фронтот на Украина и рече дека руските сили добиле подобри позиции во неколку точки.

Генералот Апти Алаудинов, командант на чеченските специјални сили Ахмат, изјави денеска на руската државна телевизија дека руските сили ја вратиле контролата над населбата Мартиновка во областа Курск.

Иако украинскиот напад ја посрамоти Москва, ја разоткри слабоста на нејзината гранична одбрана и го промени наративот на војната, руските власти рекоа дека украинската „инвазија“ нема да го промени текот на војната.

Русија, која ја нападна Украина во 2022 година, во поголемиот дел од годината напредува долж фронтот од 1.000 километри во Украина и бројна е помоќна. Русија контролира 18 отсто од Украина. Украина со упадот во Русија го постигна најголемиот напредок на бојното поле од 2022 година.

Со доведување на војната во Русија, Зеленски се соочува со ризик да ја ослабне одбраната на Киев долж фронтот во Украина, додека Русија веќе испрати илјадници резервни војници во обид да ги истера украинските војници. Доколку Украина сака да ја задржи руската територија што ја зазеде, ќе мора да подготви софистицирана логистичка операција за поддршка на своите сили, велат воените аналитичари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ