вторник, 22 октомври 2024

Русија евакуира уште еден пограничен регион поради заканата од украинските сили

Русија денеска евакуираше делови од друг регион во непосредна близина на Украина, откако Киев нагло ја зголеми воената активност во близина на границата, само неколку дена по најголемиот упад на суверена руска територија од почетокот на војната во 2022 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Украинските сили ја пробија руската граница во вторникот наутро и навлегоа во некои западни делови на рускиот регион Курск, што беше ненадеен напад чија цел беше да влијае на можните преговори за прекин на огнот по американските избори.

Очигледно изненадена, Русија ја стабилизираше линијата на фронтот во регионот Курск, иако Украина окупираше дел од руската територија каде борбите продолжија и денес, според руски воени блогери.

Во соседниот регион Белгород на југ, регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков рече дека евакуацијата започнала од областа Краснаја Јаруга поради „непријателска активност на границата“ што претставува „закана“. „Сигурен сум дека нашите војници ќе сторат сè за да се справат со заканата. Почнуваме да ги преселуваме луѓето што живеат во Краснаја Јаруга на побезбедни места“, рече Гладков.

Русија воведе сеопфатен безбедносен режим во регионите Курск, Брјанск и Белгород, додека рускиот сојузник Белорусија рече дека ги засилува трупите на границата откако објави дека Украина го нарушила нејзиниот воздушен простор со беспилотни летала.

Целта на украинските напади на руска суверена територија е да им се покаже на западните поддржувачи дека Киев сè уште е способен за големи воени операции додека се обидува да добие адут за преговорите пред можните преговори за прекин на огнот.

Руските сили, кои се многу побројни и контролираат 18 отсто од територијата на Украина, напреднаа долж фронтот од 1.000 километри оваа година по неуспехот на контраофанзивата на Украина во 2023 година.

Украина го прекина молкот за нападите во саботата кога претседателот Володимир Зеленски рече дека земјата започнала упад на руска територија за да ја „врати правдата“ и да изврши притисок врз руските сили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ