четврток, 26 декември 2024

Русија бара да биде реизбрана во Советот за човекови права на ОН

Русија бара реизбор во Советот за човекови права на Обединетите нации следната недела, што се смета за клучен тест за напорите на Западот да ја задржи Москва дипломатски изолирана поради нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Објавено на

часот

Сподели

Во услови на притаени знаци на воен „замор“ во Украина, некои дипломати велат дека Русија има разумни шанси да биде повторно примена во Советот за човекови права на ОН на тајно гласање во вторник, 18 месеци откако беше исфрлена во кампањата предводена од САД.

„Мислам дека има замор од Украина. И второ, многу луѓе не сакаат во телата на ОН да доминираат западните гласови, а да не зборуваме за хегемонистичките ставови“, изјави за Ројтерс висок азиски дипломат, кој сакаше да остане анонимен.

Критичарите на Русија велат дека нејзиниот реизбор додека речиси 20-месечната војна во Украина сè уште беснее со несмалено темпо, ќе го уништи кредибилитетот на Советот со седиште во Женева, едно од поефикасните тела на ОН.

Но Москва активно ги собира гласовите на африканските, азиските и другите незападни земји во 193-членото Генерално собрание на ОН, напаѓајќи го она што го гледа како лицемерие и неправедна пристрасност од страна на Соединетите Држави и нивните сојузници.

„Советот за човекови права мора да биде заштитен од злоупотреба како алатка за расчистување на политичките сметки и од практиката на двојни стандарди“, рече во четвртокот Василиј Небензја, рускиот амбасадор во Обединетите нации.

„Тоа се тактики на одредени држави… што се прогласуваат за поборници на човековите права“, рече тој на дипломатскиот прием на руската мисија во ОН во Њујорк.

Русија се бори со Бугарија и Албанија за двете источноевропски места. На секој од успешните кандидати му треба мнозинство – најмалку 97 гласа – за да го добие тригодишниот мандат, кој почнува на 1 јануари.

Иако во минатото беа избирани земји со сомнителен статус на правата, набљудувачите велат дека никогаш во 17-годишната историја на Советот една држава толку широко обвинувана за нечуени злосторства како Русија не добила право на глас.

„Тоа очигледно би било погубно за кредибилитетот на Советот, но и за кредибилитетот на ОН во очите на луѓето – особено жртвите – низ светот“, рече Марк Лимон, извршен директор на Јуниверзал рајтс груп.

Минатиот март, Советот отвори истрага за војната во Украина и ги обвини руските сили за прекршувања што можело да бидат злосторства против човештвото. Тој, исто така, назначи истражител да ги испита доказите за прекршување на човековите права во самата Русија.

За разлика од Советот за безбедност на ОН во Њујорк, каде што Русија е една од петте постојани членки со право на вето, ниту една од 47-те членки на Советот за човекови права нема право на вето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ