среда, 22 јануари 2025

Русија ѝ порача на Америка да не помислува да го преземе Панамскиот канал

Русија денес му порача на новиот американски претседател Доналд Трамп ни случајно да не помислува на преземање на контролата над Панамскиот канал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп повеќе пати се закани дека ќе ја преземе контролата на клучниот поморски трговски пат, кој Америка ѝ го врати на Панама во 1977 година, нарекувајќи го витален за американските интереси, и не исклучи употреба на воена сила за да ја постигне својата цел.

Тој повторно го спомна Панамскиот канал во својот инаугурациски говор вчера, кажувајќи: „Американските бродови се сериозно оптоварени од цените. А пред сè, Кина управува со Панамскиот канал, ние не ѝ го предадовме на Кина, туку на Панама, и ние ќе го вратиме“.

Руското министерство за надворешни работи денес порача дека Панамскиот канал легално ѝ припаѓа на Панама и ги предупреди Соединетите Американски Држави да не се обидуваат повторно да го преземат, со воен или економски притисок.

„Очекуваме во текот на претстојните разговори меѓу раководството на Панама и американскиот претседател Доналд Трамп за прашањата за контролата над Панамскиот канал страните да го почитуваат актуелниот меѓународен правен режим околу овој клучен пловен пат“, кажа Александар Шчетинин, директорот на одделот за Јужна Америка во руското министерство.

„Русија ги потврдува своите обврски за одржување на постојаната неутралност на Панамскиот канал, залагајќи се за зачувување на овој меѓународен транзитен пловен пат безбеден и отворен“, кажа Шчетинин и додаде дека САД „немаат право да се мешаат во внатрешните прашања на Панама“.

Панамскиот канал ги поврзува Атлантски и Тихи Океан и еден од најважните трговски патишта за САД, со околу 40 отсто од сите американски трговски бродови кои минуваат низ него.

Заканата на Трамп минатиот месец предизвика остра осуда од панамскиот претседател Хозе Раул Мулино, кој контролата на неговата земја над каналот ја нарече неспорна.

„Како претседател, сакам јасно да изјавам дека секој квадратен метар од Панамскиот канал и неговата зона ѝ припаѓаат на Панама и така ќе остане“, кажа Мулино.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ