петок, 21 јуни 2024

Руралната жена е подискриминирана од другите жени, заклучок на конференција во Прилеп

Македонија е на последното место од девет анализирани држави во Европа, дел од Балканот кога станува збор за социоекономските права на руралните жени. Дискриминирани се во однос на другите жени. Ова беше констатирано на денешната Конференција „Социјални, здравствени права и родова еднаквост во руралните средини“што во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ се одржа во Прилеп по повод 15 октомври, Меѓународниот ден на жените од руралните средини.

Објавено на

часот

Сподели

„За разлика  од кај нас, во сите други анализирани земји (четири земји од поранешна Југославија, Германија, Полска, Естонија, Литванија, Бугарија) жените земјоделки имаат можност на платено породилно отсуство, имаат право на платено родителско отсуство под определени услови, а исто така, во голем број од државите што ги анализиравме, лицата кои вршат земјоделска дејност имаат право и на платено боледување. Во сите држави, а и кај нас, земјоделците се обврзници на задолжително социјално осигурување. Штом го плаќате тоа осигурување како економска активна категорија, треба да ги уживате сите права како и сите други економско активни категории. Кај нас го плаќаат, но, за жал, тие немаат право на парични надоместоци“, изјави Гоце Коцевски, од Македонско здружение на млади правници и мрежа за заштита од дискриминација.

Кристина Огненоска од селото Милошево се занимава со сточарство и тутунопроизводство. Како млада сака да биде напреден производител, но неопходни се социјална и економска поддршка.

„Немам право на породилно, на боледување, децата си ги носам со мене на нива. немам помош од државата. сакам да се занимавам со сточарство иако сум млада, ама тука и субвенциите се намалени„, вели Огненоска.

Во Собранието се предложија промени на Законот за здравствено осигурување. Само е констатирано дека има потреба од тоа. ёединствено преку Програма на Министерството за земјоделство жените земјоделки кои раѓаат добиваат 80.000 денари поделени на 9 месеци, но тоа од граѓанските организации се оценува како социјална помош.

„Апелираме комисијата за здравство итно да го разгледа овој закон за да тргне постапката, со што на жените ќе им се овозможи платено породилно отсуство. Согласно со нашето барање, законот предвидува, основа за пресметката да биде минималната плата и жените да може да го добиваат ова право под исти услови како сите други вработени жени“, рече Драгана Дрндаревска, од коалицијата „Маргини“, мрежа за заштита од дискриминација.

„Ова е повик до властите и општеството навистина да се изборат и жените од руралните средини, особено жените земјоделки, да ги добијат своите права и да се создадат можности за нивни социоекономски развој, затоа што тие се двигатели на напредокот и на одржливите заедници во ова општество“, смета Марина Тошеска од невладината организација „Лаг Агролидер“, организатор на Конференцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ