петок, 27 декември 2024
Меѓународен ден на ромскиот јаик

Ромскиот јазик е симбол на идентификација и единство на ромската заедница

На Денот на ромскиот јазик, кој секоја година се прославува на 5 ноември, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ромскиот јазик е многу повеќе од само средство на комуникација, а богатата култура и историја на ромскиот народ, се суштински дел од нашето општество.

Објавено на

часот

Сподели

„Ромскиот јазик е многу повеќе од само средство за комуникација. Тој е симбол на идентификација, на култура и на единството на ромската заедница низ целиот свет. Преку него се пренесуваат приказни, обичаи, песни и танци, кои се одржуваат од генерација на генерација. Јазикот е она што ја врзува една заедница, што ѝ дава чувство на припадност и ја одржува нејзината автентичност“, кажа премиерот Мицкоски на одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик.

Во своето обраќање Мицкоски нагласи дека во последните неколку децении, се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и култура. И покрај тоа, премиерот смета дела сепак, се соочуваме со многу предизвици, бидејќи овој јазик е и понатаму под закана од губење поради асимилацијата и недостатокот на системска поддршка.

„ Затоа, важно е да се потрудиме да ги охрабриме младите Роми да го зборуваат, учат и користат ромскиот јазик во нивните секојдневни животи. Образованието е од клучно значење. Образованието треба да биде достапно и инклузивно за сите, бидејќи само така ќе можеме да изградиме општество кое ги почитува сите култури и различности. Образованието не треба да биде привилегија – тоа треба да биде право достапно за секој млад човек, без разлика на неговото потекло, економската состојба или етничката припадност. Но, за жал, постојат предизвици што спречуваат многу млади да ја добијат оваа шанса. Некои од нив се економските бариери, недостатокот на ресурси, и нееднакви можности. Овие предизвици мора да ги надминеме заедно. Наша задача е да изградиме систем кој ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите. Токму затоа, инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Со вложување во образованието, ние вложуваме во градење генерации кои ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на иднината. Младите кои ќе создаваат иновации, ќе промовираат позитивни промени, практично градат посилно и поодговорно општество“, кажа Мицкоски.

Понатаму тој наведе дека Денот на ромскиот јазик е и потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива.

„Грижата за јазикот е и грижа за иднината на ромската култура и нејзините вредности. Со поддршката на образованието, културните манифестации и меѓународните иницијативи, можеме да бидеме сигурни дека ромскиот јазик ќе продолжи да биде дел од нашето културно богатство.Денес го одбележуваме денот на ромскиот јазик, но истовремено да се потсетиме и на потребата од заедничка работа за поголема инклузија и поддршка на ромската заедница. Сите ние, без разлика на етничката, религиозната или културната припадност, сме дел од една голема заедница – заедницата на човештвото. Само заедно, со меѓусебно почитување и разбирање, можеме да создадеме свет каде што секој јазик, култура и секоја приказна ќе имаат еднакво значење и ќе бидат слушнати и почитувани“, нагласи Мицкоски, наведувајќи дека  овој ден треба да биде инспирација да ги почитуваме различностите, да го негуваме јазикот и да се стремиме кон поголема солидарност.

По повод Меѓународниот ден на Ромскиот јазик, министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, истакна дека за унапредување на статусот на ромскиот јазик потребни се:Катедра на ромски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, културни центри во Скопје и во четири други поважни градови, 30.000 граматики, буквари и исто толку речници на ромски јазик…

Во изјава за медиумите, Салиу рече дека очекува вистинско институционално системско решение за Ромите во однос на јазикот.

„ Она што го очекувам, како дел од новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е да се издадат 30.000 граматики, 30.000 букварчиња, 30.000 речници на ромски јазик, како би можеле да ги поделиме во секоја ромска фамилија, рече Салиу.

Според Салиу, потребно е да се формира катедра на ромски јазик при УКИМ да има квалитетни наставници и професори кои ќе предаваат ромски јазик во основните и средните училишта, како и вклучување на ромскиот јазик како задолжителен во основното и средното образование.

Салиу се надева дека со Буџетот за 2025 година ќе бидат одвоени доволно средства за образование и изучување на ромскиот јазик.

– Првпат кодификација и стандардизација на ромскиот јазик е направена во 1990 година. Ромскиот јазик е признат и од Советот на Европа и од Европската Унија“, подвлече Салиу.

Меѓународниот ден на ромскиот јазик е 5 ноември, прогласен од страна на УНЕСКО.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше во Владата на Република Македонија, на настан по повод денешниот 5 ноември, Светски ден на ромскиот јазик, кажа дека ЗЕЛС, има за цел да поддржува иницијативи и програми кои ќе ја унапредат инклузијата на ромската заедница, ќе обезбедат поддршка во образованието и ќе помогнат во зачувувањето на ромскиот јазик како дел од културното наследство на Република Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ