Три круга гласање за избор на претседател и парламент внесоа хаос во романската политика откако Калин Георгеску, претходно малку познат екстремно десничар, проруски политичар, победи во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември, пишува Ројтерс.
Поради сомневањата за руско мешање во изборниот процес, највисокиот суд на Романија ги поништи претседателските избори и ѝ нареди на владејачката коалиција да ги повтори.
Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис ќе остане на функцијата до изборите во мај.
Новата влада во понеделник ќе го потврди новиот изборен распоред, најавија либералите.
Коалициските партии најавија дека ќе поддржат еден кандидат за да се запре победата на екстремната десница.
Тие го избраа Крин Антонеску, поранешниот лидер на лабуристите, иако аналитичарите веруваат дека на крајот би можеле да се одлучат и за некој друг, пишува Ројтерс.
На парламентарните избори на 1 декември, три ултранационалистички и екстремно десничарски партии освоија речиси 35 отсто од пратеничките места, на бранот на незадоволството на Романците поради внатрешните препукувања и обвинувањата за корупција од страна на поголемите партии.
Низа кризи, вклучувајќи ја пандемијата ковид-19 и руската агресија врз соседна Украина, дополнително ја поткопаа поддршката за центристичките партии.
Романскиот претседател е врховен командант на армијата и претседава со советот кој одлучува за воената помош и одбранбените распределби.
Претседателот ја претставува Романија на собирите на ЕУ и НАТО и назначува главни судии, обвинители и шефови на разузнавачки служби.