петок, 24 јануари 2025

Ројтерс: Воздухот убива на Западен Балкан

Загадувањето го загрозува јавното здравје и целите на регионот за членство во ЕУ, пишува Ројтерс.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Шемси Гара цели 30 години управувал голем багер во косовски рудник за јаглен, кревајќи облаци од отровна прашина што му го прекривала лицето и навлегувала во дишните патишта. Ниту животот дома не му бил многу подобар: термоцентралите што ги снабдува рудникот постојано исфрлале чад над неговото село.

Гара почина во неделата на 55-годишна возраст, откако тригодишното лекување не успеало да го скроти ракот на неговите бели дробови. Во последните денови, не можејќи да оди, лежел на каучот дома, ослабен и со болки, додека машината пумпала кислород во неговото исцрпено тело.

„Постојано му велев дека сакам да му помогнам, но не можев“, вели неговата сопруга Џељане за Ројтерс.

Додека голем дел од светот се врти кон намалување на употребата на фосилни горива, загадувањето во земјите од Западен Балкан останува постојано високо поради греењето на домаќинствата, застарените термоелектрани, старите автомобили и недостигот од пари за решавање на проблемот.

Градовите како Белград и Сараево често се на врвот на дневните светски листи за загаденост, според веб-страниците што го следат квалитетот на воздухот низ светот.

Ова има сериозни здравствени последици, а исто така може да ги загрози изгледите на тие земји да ѝ се приклучат на Европската Унија, која има построги стандарди за емисиите.

„Во регионот нема ресурси за намалување на загадувањето на воздухот“, вели Мирко Поповиќ, директор на Институтот за обновливи извори на енергија и регулаторна заштита на животната средина во Белград.

Во Европската Унија, нето-емисиите на стакленички гасови се намалени за околу 40% од 1990 година, благодарение на преминот кон обновливите извори на енергија, според извештајот на Европската комисија во ноември.

Земјите од Западен Балкан се обврзаа да ги намалат емисиите на јаглерод, но економските тешкотии го забавуваат напредокот.

Косово, една од најсиромашните земји во Европа, повеќе од 90% од својата енергија произведува од јаглен. Светската банка проценува дека транзицијата кон економија без јаглен ќе чини 4,5 милијарди евра.

Влијанието на загадувањето е евидентно низ целиот регион, особено во зима.

Смог

Смогот го прекри Белград оваа недела, додека Сараево лежи во долина што го задржува загадувањето. Квалитетот на воздухот во главниот град на БиХ во вторникот беше класифициран како „опасен“, најлош во светот, според податоците на Ај кју-ер, кој го следи нивото на загадување.

Во Скопје локалните жители, кои носат маски, честопати со денови не ги гледаат околните планини покриени со снег.

Стапката на смртност предизвикана од загадувањето на околината е релативно висока – 114 на 100.000 луѓе во Босна и околу 100 во Србија и Црна Гора, според податоците на Светската здравствена организација, споредено со 45 во Германија и 29 во Франција.

Гара беше погребен во понеделникот на гробиштата во Обилиќ, во близина на Приштина. Докторот Хаки Јашари изјави за Ројтерс дека стапките на рак во Обилиќ се зголемени повеќе од двојно во последните две години.

Косовското Министерство за енергетика изјави за Ројтерс дека е посветено на намалување на емисиите и инвестира во проекти за обновлива енергија и модернизирање на постоечките капацитети. Јашари жали што не било направено повеќе и порано. „Да бевме дел од ЕУ ќе ги затворевме електраните. Ова е неприфатливо.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ