сабота, 27 јули 2024

Ројтерс: Србија се согласи да ѝ испорача оружје на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Документот, резиме на одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и „смртоносна помош“ или оружје е еден од десетиците доверливи документи објавени на интернет во последниве недели, во најсериозното протекување на американски тајни во изминативе години.

Насловен „Европа – одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот во форма на графикон ги наведува „проценетите позиции“ на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.

Графиконот покажува дека Србија одби да обезбеди обука за украинските сили, но се обврза да испрати „смртоносна помош“ или веќе ја доставила. Дополнително, се наведува дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да ја снабдува Украина со оружје.

Документот ја носи ознаката „таен“ и НОФОРН, со што се забранува негова дистрибуција на странски разузнавачки служби и на војската. Датумот на документот е 2 март, а на него стои печатот на канцеларијата на Здружениот штаб.

Ројтерс не можел самостојно да ја потврди автентичноста на документот. Од кабинетот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и од украинската амбасада сѐ уште нема коментар.

Пентагон исто така не одговори на прашањата на Ројтерс за спомнувањето на Србија во документот, но претходно одби да ги коментира објавените документи. Владата на Вучиќ изрази неутралност во војната во Украина и покрај длабоките историски, економски и културни врски на земјата со Русија.

„Ако овој документ е точен, тој или ја покажува дволичноста на Вучиќ во однос на Русија или тој е под огромен притисок од Вашингтон да испорача оружје на Украина“, рече Јануш Бугајски, експерт за источна Европа во Фондацијата Џејмстаун, институт за надворешна политика.

Графиконот на Пентагон ги подели одговорите на барањата за помош на Украина во четири категории: земји кои ветија дека ќе обезбедат обука и смртоносна помош; земји кои веќе обезбедиле обука, смртоносна помош или и двете; земји со воена способност и политичка волја „да пружат идна смртоносна помош“, вели Ројтерс.

Австрија и Малта беа единствените две земји со „не“ во сите четири категории.

Пред еден месец на прорускиот канал Телеграм беа објавени документи кои наводно покажуваат дека српски производител во ноември минатата година доставувал 122 мм ракети „Град“ земја-земја во Киев. Документите вклучуваат манифест за пратката и потврда на крајниот корисник.

Во март Москва објави дека побарала од Белград официјално објаснување за наводните испораки, државната новинска агенција ТАСС ја цитираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Производителот на оружје Крушик корп од Ваљево ја негираше испораката на ракети или друго оружје во Украина, а Вучиќ овие наводи ги нарече „ноторна лага“.

„Не извезовме никакво оружје или муниција во Русија или Украина“, рече тој за време на посетата на Катар на 5 март. Од почетокот на војната минатиот февруари, Вучиќ се обиде да ги балансира блиските врски со Москва со својата цел приклучување на Европската унија, но Србија е единствената од 44-те европски земји што се воздржа од воведување санкции кон Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ