Американски извори велат дека немало официјален контакт и дека Вашингтон нема да се вклучи во разговори во кои не е вклучена Украина.
Во 2023 година, Путин испрати сигнали до Вашингтон преку посредници, вклучително и арапски партнери на Блискиот Исток, дека е подготвен да размисли за прекин на огнот во Украина, велат руски извори.
Путин предложил замрзнување на конфликтот на тогашните линии на фронтот и не сакал да отстапи која било украинска територија под руска контрола, но сигналот го понудил она што некои во Кремљ го гледаат како најдобар пат кон некаков мир.
„Контактите со Американците не вродија со плод“, изјави висок анонимен руски извор запознаен со разговорите кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година.
Друг руски извор запознаен со контактите изјави дека Американците преку посредници ѝ порачале на Москва дека нема да разговараат за евентуален прекин на огнот без учество на Украина и со тоа контактите завршиле неуспешно.
Трет извор запознаен со дискусиите рече: „Сè се распадна со Американците“. Изворот вели дека Американците не сакале да вршат притисок врз Украина.
Степенот на контактите – и нивниот неуспех – претходно не беа пријавени, пишува Ројтерс.
Ова се случува додека американскиот претседател Џо Бајден со месеци врши притисок врз Конгресот да одобри поголема помош за Украина, но се соочува со противење од сојузниците на републиканскиот фаворит за претседателска номинација, Доналд Трамп.
Кремљ, Белата куќа, американскиот Стејт департмент и Централната разузнавачка агенција (ЦИА) одбија да ги коментираат наводите.