Авионот на Азербејџан ерлајнс Ј2-8243 падна во близина на градот Актау во Казахстан, откако се пренасочи од руската област во која Москва последниве месеци користи системи за противвоздушна одбрана против напади од украински беспилотни летала.
Патничкиот авион Ембраер летал стотици километри надвор од својата планирана рута од азербејџански Баку до Грозни, во јужниот руски регион Чеченија. Се урна на спротивниот брег на Касписко Море по, како што рече руската авијација, вонредна состојба што можеби била предизвикана од удар на птици.
Официјалните лица не објаснија зошто го преминал морето, но несреќата се случи откако Украинците месецов ја напаѓаа Чеченија со беспилотни летала. Најблискиот руски аеродром на патеката на летот на авионот во средата наутро беше затворен.
Еден од азербејџанските извори запознаени со азербејџанската истрага за несреќата рекол за Ројтерс дека прелиминарните резултати покажале дека авионот бил погоден од рускиот систем за воздушна одбрана „Панцир-С“, а неговите комуникации биле парализирани од системите за електронско војување на пристапот кон Грозни.
Изворот вели: „Никој не тврди дека тоа е направено намерно. Сепак, земајќи ги предвид утврдените факти, Баку очекува руската страна да го признае соборувањето на азербејџанскиот авион“.
Видеоснимките од местото на несреќата објавени на социјалните мрежи и потврдени од Ројтерс покажаа дека се чини дека остатоците од опашот на авионот се оштетени од шрапнели.
Високи претставници на Азербејџан и за турската новинска агенција Анадолу потврдиле дека авионот на Азербејџан ерлајнс што се урна во близина на казахстанскиот град Актау бил погоден од руски систем за противвоздушна одбрана.
Компанијата за воздухопловна безбедност Оспреј флајт солушнс во средата во предупредувањето до авиокомпаниите рече дека снимката од остатоците и околностите околу воздушниот простор во југозападна Русија укажуваат на можноста авионот да бил погоден од некој вид противвоздушен оган.
Руските региони Дагестан и Чеченија овој месец беа напаѓани со украински воени беспилотни летала, а како одговор беше активирана руската противвоздушна одбрана, рече Оспреј.
Претходно во средата, руското Министерство за одбрана извести дека се соборени 59 украински беспилотни летала над неколку региони.
Некои од нив, наводно, биле соборени во затворен воздушен простор над регионите што граничат со Украина, вклучувајќи го и Азовско Море. Поради таа активност, летовите наводно биле привремено суспендирани на рускиот аеродром Казањ.
Освен тоа, авионот низ својот лет над југозападна Русија имал и силни ГПС-пречки, поради што испраќал лоши АДС-Б податоци, кои им овозможуваат на сајтовите за следење летови да ги следат авионите во воздухот.
Во Брисел, НАТО повика на целосна истрага за причините за несреќата.
„Нашите мисли и молитви се со семејствата и жртвите на летот Ј28243 на Азербејџан ерлајнс“, рече портпаролот на НАТО, Фара Даклала на Икс.
„На повредените во несреќата им посакуваме брзо закрепнување и повикуваме на целосна истрага.“
Претседателот на сенатот на Казахстан денеска изјави дека причината за авионската несреќа сè уште не е позната.