петок, 26 јули 2024

Ројтерс: Иран ја предупредил Русија за безбедносната закана пред нападот кај Москва

Иран ја извести Русија за можноста за голема „терористичка операција“ на нејзина територија пред минатомесечниот масакр во концертната сала кај Москва, рекоа три извори запознаени со ова прашање, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во најсмртоносниот напад во Русија во последните 20 години, вооружени напаѓачи отворија оган со автоматско оружје врз присутните на концертот на 22 март во Крокус сити хол, при што загинаа најмалку 144 луѓе, за што одговорноста ја презеде милитантната група Исламска држава.

Соединетите Американски Држави, исто така, ја предупредија Русија за веројатен напад од милитантни исламисти, но Москва, која има длабока недоверба во намерите на Вашингтон, ги занемари тие разузнавачки информации, вели Ројтерс.

Сепак, вели медиумот, за Русија е потешко да ги отфрли разузнавачките информации за нападот од својот дипломатски сојузник Иран, што исто така покрена прашања за ефикасноста на руските безбедносни служби. Москва и Техеран, две земји под западни санкции, ја продлабочија воената и друга соработка за време на двегодишната војна во Украина.

„Неколку дена пред нападот во Русија, Техеран сподели информации со Москва за можен голем терористички напад во Русија, добиен за време на испрашувањата на уапсените во врска со смртоносните бомбашки напади во Иран“, рекол еден од изворите за Ројтерс.

Фото: ЕПА

Иран во јануари уапси 35 лица, меѓу кои и командант на разгранокот на Исламска држава во Авганистан, ИСИС-Хорасан (ИСИС-Х), за кои рече дека се поврзани со двојните бомбашки напади на 3 јануари во градот Керман, во кои загинаа речиси 100 луѓе.

Исламска држава ја презеде одговорноста за експлозиите во Иран, најкрвавите од Исламската револуција во 1979 година. Извори од американските разузнавачки служби соопштија дека ИСИС-Х ги извршила и нападите на 3 јануари во Иран и нападот на 22 март во Москва.

ИСИС-Х, именувана по стар термин за регион што опфаќа делови од Иран, Туркменистан и Авганистан, се појави во источен Авганистан кон крајот на 2014 година и брзо доби репутација на екстремна бруталност.

„Значајна операција“

Вториот извор, кој исто така побарал анонимност, рекол дека во информациите што Техеран ѝ ги дал на Москва за претстојниот напад немало конкретни детали за времето и за точната цел.

„Тие (членовите на ИСИС-Х) добија инструкции да се подготват за значајна операција во Русија… Еден од терористите (уапсен во Иран) рече дека некои членови на групата веќе отпатувале во Русија“, рекол вториот извор.

Трет извор, висок безбедносен функционер, рекол: „Бидејќи Иран со години е жртва на терористички напади, иранските власти ја исполнија својата обврска да ја предупредат Москва врз основа на информациите добиени од уапсените терористи“.

Запрашан за извештајот на Ројтерс, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска рекол: „Не знам ништо за ова“.

Иранското Министерство за надворешни работи не одговорило на барањето за коментар за оваа сторија. Белата куќа немала коментар за ова прашање.

Извор запознаен со американските разузнавачки информации за претстојниот напад во Русија рече дека тие биле засновани на пресретнати „муабети“ меѓу милитантите на ИСИС-Х.

Оспорувајќи ги тврдењата на САД, Русија рече дека верува дека Украина е поврзана со нападот, без да даде докази. Киев категорично го негираше тврдењето.

Таџикистанци

Во нападите во Керман и во близина на Москва беа вклучени државјани на Таџикистан. ИСИС-Х агресивно регрутираше од сиромашната поранешна советска република Таџикистан, велат безбедносните експерти.

Изворите рекле дека Иран разговарал за своите безбедносни проблеми со Таџикистан. Дипломатски извор во Таџикистан потврди дека Техеран неодамна разговарал со Душанбе за проблемот со зголеменото учество на етнички Таџикистанци во милитантни активности.

Исламска држава жестоко ги мрази шиитите – доминантната иранска секта и цел на нападите на нејзината филијала во Авганистан. Тврдокорната сунитска муслиманска група ги гледа шиитите како отпадници.

Во 2022 година Исламска држава ја презеде одговорноста за смртоносниот напад на шиитско светилиште во Иран во кој загинаа 13 лица. Техеран го идентификуваше напаѓачот како државјанин на Таџикистан.

Претходните напади за кои одговорноста ја презеде Исламска држава ги вклучуваат и двојните бомбашки напади во 2017 година, чија цел беше иранскиот парламент и гробницата на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ