недела, 23 март 2025

Ројтерс: Белата куќа бара план за ублажување на санкциите кон Русија

Соединетите Американски Држави работат на план за потенцијално ублажување на санкциите кон Русија, додека претседателот Доналд Трамп се обидува да ги обнови врските со Москва и да ѝ стави крај на војната во Украина, рекле за Ројтерс американски функционер и друго лице запознаено со ова прашање.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Белата куќа побарала од Стејт департментот и Министерството за финансии да состават листа на санкции што би можело да бидат ублажени за целите на разговорите меѓу американските претставници и руските претставници во наредните денови за подобрување на дипломатските и економските односи, велат изворите.

Канцелариите за санкции сега работат на предлог за укинување на санкциите за одредени субјекти и поединци, вклучително и некои руски олигарси, според изворите.

Таканаречените опциски документи често се подготвуваат од официјални лица што работат на санкциите, но конкретното барање на Белата куќа за таков документ во последните денови ја нагласува подготвеноста на Трамп и неговите советници да ги олеснат руските санкции како дел од потенцијалниот договор со Москва, пишува Ројтерс.

Сè уште не е јасно што конкретно би можел да побара Вашингтон во замена за олеснувањето на санкциите, додава агенцијата.

Белата куќа, Стејт департментот, Министерството за финансии и руската амбасада во Вашингтон не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Трамп во јануари се закани дека ќе ги заостри санкциите кон Русија доколку Путин не сака да преговара за крај на војната во Украина. Но, неодамна, претставници на администрацијата на Трамп отворено ја признаа можноста за олеснување на санкциите кон Москва.

Секретарот за финансии Скот Бесент во интервју за телевизијата Блумберг на 20 февруари рече дека Русија може да добие економско олеснување, во зависност од тоа како ќе им пристапи на преговорите во наредните недели.

Трамп на 26 февруари им рече на новинарите дека руските санкции може да бидат ублажени „во некој момент“, потсетува Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ