вторник, 22 октомври 2024

Родителскиот стрес е закана за јавното здравје

Главниот американски функционер за јавно здравје, Вивек Мурти, издаде медицинско предупредување во кое се фокусираше на менталните предизвици со кои се соочуваат родителите поради изложеноста на современите тригери за стресот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мурти, како што пренесува Ројтерс, повикува на зголемување на поддршката од страна на владата, претпријатијата и организациите за да се решат овие предизвици. Тој истакна дека менталното здравје на родителите директно влијае на состојбата на нивните деца и ја истакна потребата за системски промени за да се пружи подобра поддршка.

Клучните препораки вклучуваат зголемување на финансирањето за поддршка на родителите, воспоставување на национална програма за платено родителско отсуство и боледување и проширување на пристапната нега за менталното здравје за старателите. Мурти истакна дека решавањето на менталното здравје на родителите е клучно за решавање на кризата на менталното здравје меѓу младите.

„Зад кризата на менталното здравје на младите е всушност кризата кај родителите, од кои многумина се борат со стресот и се соочени со сопствени предизвици на менталното здравје“, кажа Мурти за Ројтерс. „Ако навистина сакате да им помогнете на децата, тогаш всушност треба да им помогнете на родителите“.

Мурти во советодавниот документ ги повика работодавците да воведат програми за обука на менаџерите за управување со стресот и воспоставување рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, и ги охрабри работниците и социјалните служби да го проверуваат менталното здравје. Мурти наведе дека во САД има најмалку 63 милиони родители и старатели, а 48 отсто од нив се чувствуваат целосно преоптеретено. Тој истакна и дека родителите, особено самохраните, доживуваат несразмерно ниво на осаменост.

Предлог законот на претседателот Џо Бајден, кој би обезбедил платено породилно отсуство и боледување за Американците, во Конгресот го стопираа републиканците како и одделни демократи. Мурти, чиј мандат завршува во јануари заедно со Бајден, истакна дека ова прашање не смее да биде сметано за политичко.

„Како земја, мораме повеќе да вложуваме во грижата за родителите и поддршката на нивната благосостојба“, кажа тој. „Се надевам дека добросостојбата на родителите нема да биде политичко и партиско прашање“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ