На прашање во врска со ситуацијата на учениците од шесто одделение од основното училиште „Његош“ во Јурумлери, министерот истакна дека родителите на децата кои учат на албански јазик во комуникација со министерството донесоа одлука да се запишат во друго училиште за да продолжи нивната настава, но нагласи и дека МОН вети дека ќе продолжи дискусијата со училиштето за решавање на проблемот.
„Кога имаме забелешки од Просветен инспектораи и од другите институции, ние како институција излегуваме на терен. Ги повикувам родителите кои сега бојкотираат да бидат вклучени во процесот на сите извештаи што ќе бидат доставени до МОН од сите други органи што ќе ја проверуваат работата. Не треба децата да страдаат ниту од едната ниту од другата страна“, нагласи Шаќири и додаде дека не гледа проблем во тоа децата од шесто одделение од второто полугодие да не продолжат со настава во истото училиште.
Инаку, проблемот ескалираше на почетокот од учебната година, кога започнаа протести и родителите на децата Албанци и родителите на децата Македонци, а децата од шесто одделение од албанска наципоналност ја бојкотираа наставата и практично, за нив оваа учебна година не е започната. Во целиот случај се замешаа и партиите со свои реакции.
Пред неколку дена министерот најави дека овие деца наставата ќе ја продолжат во Чаир, во училиштетот „Битолски конгрес“.
Шаќири за овој случај најавуваше разрешување на директорката на „Његош“ и одземање на ингеренциите на Општина Гази Баба врз училиштето, што пак наиде на неповолни реакции како од родителите на децата Македонци, така и од градоначалникот на Општината.