„Училиштата доставуваат листа со ученици кои ги исполнуваат условите и ги доставиле потребните документи, согласно јавниот повик. Во листата се доставени податоци за родителот/старателот подносител на пријавата, кои се потребни за исплата на средствата. Грешките во податоците испратени од училиштата го спречуваат процесот на исплата во Министерството за финансии. Вработените во Министерството за образование и наука се во постојан контакт со лицата од училиштата, задолжени за селекција и доставување на листата со ученици и сите податоци потребни за исплата и заедно ги корегираат грешките. Имајќи го предвид бројот на ученици, прочистувањето на доставените податоци во соработка со училиштата за формирање на база со точни податоци е подолг процес“, ни одговорија од МОН.
Со мерката за добивање на државна помош која ја одобри Владата на крајот на минатата година поголеми ангажмани добија и наставниците и професорите кои постојано требаше да се во комуникација со родителите и да бараат податоци кои не се внесени. За тоа дали се точни податоците или не, одделенските и класните раководители немаа обврска да водат грижа, туку требаше да ги соберат само потребните документи. Најголемиот хаос настанал поради тоа што голем дел од родителите или ги погрешиле трансакциските сметки или на местото наменето за сметка пишувале матични броеви.
Куп документи во кус рок требаше да се обезбедат и приложат за да се дојде до финансиската поддршка од 1.200 денари за основците и 1.800 денари за средношколците. За собирање на документите на родителите им беа оставени само неколку дена, а од МОН уверуваат дека сите кои аплицирале ќе си ги добијат парите предвидени од државната помош.
Помошта предвидена со деветтиот антикризен пакет ги опфаќа учениците кои потекнуваат од семејства чии вкупни месечни приходи од нето-плата се до 50.000 денари. Тоа беше еден од условите кои требаше да се исполнети за да се аплицира за финансиска поддршка, а другите два беа– да се државјани на Македонија и да се редовни ученици во основното, односно средното образование.
Финансиската поддршка од 16,3 милиони евра што е предвидена за помош на учениците и студентите е дел од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата за поддршка на граѓаните, во износ од 662 милиони евра, наменети за социјално ранливи категории граѓани.
К.Д.