сабота, 27 јули 2024
Децата не знаат да лажат

Родители ургираат за поправка на оцени, признаа основците од ОУ „26 јули“

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска денеска, во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“, беше во посета на основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари. Како што информираше Ивановска, во спроведените анкети, ученици кажуваат дека често се соочуваат со неправда, со незаслужени оценки во одделението, дека најчесто родителите интервенираат за да се поправат оценките.

Објавено на

часот

Сподели

„Затоа сметаме дека е многу важно да знаат да си градат вредности во себе, да не учат за оценки, туку да учат за знаење и од нив понатаму да произлезат професионалци, коишто ќе го градат ова општество. Тоа е нашата цел“, нагласи Ивановска.

Таа подвлече дека родителите се појавуваат како клучни фигури, кои треба да им го осветлат патот на своите деца, покажувајќи дека потпирањето на „врските“ не е „траекторијата што ја замислуваме“.

Ивановска појасни дека станува збор за кампања што ја спроведуваат во 13 училишта во државата.

„Во моментов сме веќе во петтото училиште и ќе продолжиме уште во осум училишта. Ова е последно скопско училиште, а понатаму продолжуваме низ државата, во штипско – кочанскиот, во струмичкиот, охридскиот, тетовскиот регион. Кампањата е со цел да се доближиме до децата, да видиме со какви проблеми се соочуваат, како ја чувствуваат неправдата. Сакаме да им помогнеме ова општествено зло корупција, полесно да го препознаваат“, рече Ивановска.  

Директорката на училиштето, Бесаре Сејди појасни дека во училиштето „26 јули“ учат деца од повеќе етнички заедници.

„Во нашето училиште, нашите ученици веќе знаат што е корупција, запознаени се и мислат дека се краде од нивната иднина. За да ја задржиме иднината, за да имаат цел нашите ученици, да студираат, да останат во оваа наша убава држава, мислам дека ние сме тие кои треба да ги вградат вредностите во нив“, додаде директорката.

Таа им се заблагодари многу на колегите за нивниот голем ангажман.

„Се надеваме дека ќе имаме влијание и за понатаму, дека децата се нашата иднина, децата ќе бидат тие што ќе влијаат во нивните семејства, кај нивните соседи, во општеството и ќе се ангажираат против корупција“, нагласи директорката на училиштето.

Оваа антикорупциска едукативна иницијатива, предводена од Државната комисија за спречување на корупцијата, е дел од поширокиот чадор на Активноста за антикорупција и интегритет, која ја спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, со финансиска поддршка обезбедена од УСАИД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ