Како што рече Бислимовски, дел од барањата на компаниите не се целосни поради тоа што тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и Електродистрибуција го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.
„Затоа РКЕ не може точно да каже колку МЕПСО побарал и колку има побарано Електродистрибуција. Исто така имаме информација кај тендерот за универзалниот снабдувач, дека ЕСМ понудил цена и веќе тоа е цена која ќе се реализира од 57 евра за мегават час наместо претходните 53 евра за мегават час и наместо обезбедување на вкупните потреби од 100 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде 95 проценти“, појасни Бислимовски.
Потоа согласно измените на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач ќе треба да направи пресметки кои треба да ги достави на контрола во РКЕ.
„Во таа контрола имаме право да донесеме и посебна одлука со точно утврдени забелешки и таа одлука ќе биде обврзувачка за универзалниот снабдувач“, рече Бислимовски.
Во однос на евтината тарифа која се воведе од 1 декември, Бислимовски посочи дека според информациите што ги има, кај првата отчитувачка група веќе се сменети 80 проценти од броилата, а од 15 декември треба да почне менувањето на броилата во втората отчитувачка група.
На денешната прес конференција беше најавена и, како што беше кажано, нова потставка, а не нова двачка во сметките за струја, за оние кои поседуваат повеќе од еден станбен објект во своја сопственост.
„Се воведува нова ставка, а не нова давачка во сметките за струја, а за сметка на тоа ќе се намали давачката за мрежарина. Ова е дел од процесот на транспарентна сметка за да може оние што имаат повеќе станбени објекти да плаќаат дополнителна сума пари во рамките на сметките, сѐ со цел да се заштитат оние кои редовно плаќаат струја“, кажаа од РКЕ.