сабота, 27 јули 2024

Рјабков: Русија нема да испраќа нуклеарно оружје во други земји, освен во Белорусија

Русија нема да распореди нуклеарно оружје во странство освен во својот сојузник Белорусија, но ќе најде начини да се спротивстави на какво било распоредување на американско тактичко нуклеарно оружје во Велика Британија, изјави заменик-министерот за надворешни работи задолжен за контрола на вооружувањето Сергеј Рјабков, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин минатата година изјави дека Москва префрлила одредено тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, а при тоа за одлуката го обвини непријателскиот и агресивен став на Западот.

Врвни нуклеарни истражувачи од Федерацијата на американски научници велат дека не постојат убедливи докази кои би покажале каде се наоѓа оружјето во Белорусија, па дури и дали воопшто е таму.

На прашањето на новинарите дали Русија ќе распореди нуклеарно оружје надвор од Белорусија, на пример во Јужна Америка, заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков рече: „Не, тоа не е планирано“.

„Распоредувањето на тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија беше спроведено со цел спротивставување на сè поагресивните и заканувачки активности на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) предводена од Соединетите Американски Држави“.

Рјабков, кој ја надгледува контролата на вооружувањето исто така ги критикуваше САД за вклучување на, како што рече, отворено прогласени европски земји без нуклеарна енергија во нуклеарните мисии на НАТО. Тој не го појасни ова тврдење.

Во интервју за Раша тудеј, Рјабков исто така рече дека плановите на САД за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Велика Британија нема да ја одвратат Москва.

„Ако веруваат дека повторното воведување на нуклеарно оружје во ОК е фактор за одвраќање на Русија, тогаш се лажат. Ги повикуваме да го прекинат овој бесконечен круг на ескалација“, рече тој.

Велика Британија и САД не ги потврдија извештаите за планирано распоредување на тактичко нуклеарно оружје. Истражувачите велат дека РАФ Лејкенхит, воздухопловната база во Сафолк, источна Англија, се реновира за складирање на американско оружје.

Во моментов пет земји на НАТО – Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција имаат вкупно околу сто парчиња американско тактичко нуклеарно оружје во шест бази, објави Федерацијата на американски научници, пренесува Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ