Филип Рикер, американскиот заменик-помошник-државен секретар на САД за Балканот, утре се враќа во Македонија, државата во која до лани беше и амбасадор. Според Стејт департментот, на својата двонеделна балканска турнеја (Србија, Косово, Турција и Македонија) Рикер носи пораки од Вашингтон за билатералните и за регионалните прашања.
Задачата на Рикер при утрешните разговори со Ѓорѓе Иванов, претседателот на Република Македонија, со Никола Груевски, македонскиот премиер Никола Поповски и со шефот на македонската дипломатија, ќе биде да ги откочи грчко-македонските разговори за името. Оваа најава дојде пред вчерашните продолженија на разговорите во Њујорк, кога Грција најави замрзнување на преговорите.
Рикер утре од македонскиот дел од преговарачкиот тим ќе побара да се врати на суштински разговори за долгогодишниот спор за активирање на одлуката за членство во НАТО на претстојниот самит во Чикаго. Се претпоставува дека и пресудата во Хаг ќе биде тема на утрешните средби на Рикер со државниот врв. Тој во Скопје ќе престојува два дена, а ќе се сретне и со Фатмир Бесими, министерот за одбрана, со Теута Арифи, вицепремиерка за евроинтеграции и со други политички лидери.
Во своите телеграми како американски амбасадор од Скопје, објавени од „Викиликс“, Рикер пишувал дека е време за вистински преговори за името и за замена на БЈРМ со друго, прифатливо име, како и за постигнување договор за другите детали. САД, според него, се залагаат за македонскиот идентитет и сакаат да ѝ помогнат на Македонија да ја постигне таа цел, но и самата таа треба да биде активно вклучена.
Во дел од тие белешки Рикер напишал дека на македонскиот премиер треба да му се каже оти и покрај американската поддршка, ќор-сокакот во кој се најде решавањето за името не може да трае до недоглед.
Рикер забележал и дека е невозможно Грците да се согласат да потпишат документ во кој граѓаните би се нарекле Македонци, а јазикот македонски. Ако се забележи напредок во процесот, сметал Рикер, прашањето за придавката може да биде проблем.
Од Приштина Рикер јасно порача дека нема поделба на Косово, ниту промена на границите на Балканот.
мкд.мк