четврток, 26 декември 2024

Ригорозни мерки за трговците ако не ги намалат цените на основните производи

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска најави дека доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошничка, ќе бидат донесени поригорозни мерки како ограничување на профитните маржи и на цените.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна на денешната прес-конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите, по што ќе се донесе одлука дали ќе бидат донесени поригорозни мерки. Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници.

Во сличен тон на однесувањето на трговците, реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави поробусна реакција на Владата во наредниот период.

„Институциите од денеска ќе реагираат во однос на цените во маркетите. А доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи, реакцијата ќе биде уште поробусна во периодот што следува“, најави денеска премиерот Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон манастирот Пеленица во општина Кисела Вода, претседателот на Владата не откри со какви мерки ќе се соочат трговците, туку нагласи дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа во периодот што следува.

Мицкоски посочи дека вчера во Владата разговарале со сопствениците на сите големи супермаркети и оти оставиле добра волја да не биде со пристап кој ќе значи ограничување на цени и.т.н, за кои тие велеле дека е непопуларна мерка.

„Сакавме да слушнеме од нив, да се поразговара на добра волја и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некој од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури. Трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани“, рече Мицкоски.

Смета дека не е добро што си играат со трпението на граѓаните и оти во периодот пред празниците, цените на одредени производи биле зголемени и за 25 отсто.

„Тоа што тие мислеа дека ќе нè надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните и на Владата, мислам дека не е добро и треба да си го преиспитаат однесувањето. Ова не е коректно однесување, особено пред празници не треба на ваков начин да се прават големи профити. Затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти за 25% се зголемени цените на производите. Тоа не е етичко однесување, туку би рекол нечовечно однесување“, подвлече Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ