сабота, 27 јули 2024

Ретроспектива на култни филмови – лауреати на „Браќа Манаки“

Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на Македонија, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.

Објавено на

часот

Сподели

 

Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20 часот, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20 часот.

Ретроспективата ќе започне на 7 февруари со филмот Персона (1966, ИМДБ 8.1), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Никвист, големиот Ингмар Бергман.

Вториот филм од ретроспективата (14 февруари) е Париз, Тексас (1984, ИМДБ 8.1), снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Милер, култниот Вим Вендерс.

Трет е британецот Роџер Дикинс со филмот Големиот Лебовски (1998, ИМДБ 8.1), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на Златната камера 300 за животен опус во 2018 година и еден од најголемите живи кинематографери. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен.

Последен февруарски филм (28 февруари) од ретроспективата е Влези во разнината (2009, ИМДБ 7.2) снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на Златна камера 300 во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Деби, француско-аргентинскиот enfant terrible Гаспар Ное.

Она што ќе го прикаже Кинотека во месец февруари изобилува со квалитет. Сè е на рамништето на 50-годишниот јубилеј на институцијата. Доволно да се појде во Кинотека, да се погледне нејзината понуда, се вели во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ