сабота, 27 јули 2024

Решение за онколошките пациенти има, ама кој сака да го види

Ќе има ли крај на агонијата на онколошките пациенти кои не бараат ништо друго туку само редовно примање на пропишаните лекови и биолошката терапија? Со ваков начин на обезбедување на лековите особено на биолошката терапија сигурно не, едногласни се онколошките пацинети со кои разговараше МКД.мк. Дополнително, состојбата на овие пациенти се искомпликува по отворањето на случајот Онкологија кој на површина изнесе куп неправилности во работата на Клиниката за онкологија во Скопје.

Фото: Freepik.com

Објавено на

часот

Сподели

Нашата најголема мака е што биолошката терапија не е на позитивната листа на лекови и со тоа се отежнува, се успорува па дури и се прекинува лечењето. Затоа сме приморани сами да ја набавуваме терпијата во зависност од тоа на кој временски период истата треба да се прими. Се снаоѓаме кој, како знае и умее. Биолошката терапија ја набавуваме во странство“, вели Ана Марјановиќ во името на стотици онколошки пацинети, а која и самата мака мачи како да ја обезбеди својата терапија која живот значи.

Решение има ама од дрвото шумата не се гледа

Случајот со Онкологија што беше обелоденет пред околу половина година уште повеќе ја искомплицира состојбата на онколошките пациенти, кои според сомнежите или не добивале лекови затоа што истите се краделе и завршувале на црниот пазар во Косово или дел од пацинетите наместо биолошка терапија добивале физиолошки раствор. Освен ова, на површина излегоа и повеќе други проблеми со кои се соочувала Клиниката за онкологија. Тоа го призна директорката на клиниката, д-р Виолета Клисарова на крајот на октомври 2023 година кога беше повикана од собраниската Анкетна комисија да каже сѐ што знае за хаосот во клиниката.

Проблемите на клиниката со ваквата група на лекови кои спаѓаат под условен буџет настана кога во 2019 година, со првиот двегодишен тендер реализиран од Министерството за здравство, влегуваат во симболична количина која била недоволна ни за една година, а тендерот бил за две години. Тука е најтешкиот дел, кога вие имате исклучително мала количина на лекови и сте доведени во ситуација да правите одредени селекции на пациенти од вакви економски причини“, рече тогаш д-р Клисарова.

Рече дека изворот на проблемите е кога е внесен условениот буџет кој се однесува на лекови кои не се на позитивната листа иако, како што кажа тогаш директорката, внесувањето на овие лекови е за поздрав заради поквалитетната услуга на болните.

Проблемот е што откога постои условениот буџет, ние како клиника сме биле буквално условени со одредена количина тежината е префрлена на клиниката, таа да успее некако да ги изменаџира тие условени количини. Тука настанува изворот на проблемот, зашто вие ќе имате поголем број на пациенти што треба да ги вклучите, а сте условени со одредена количина односно финансии. Затоа сметам дека решение на проблемот е позитивната листа на лекови и тука тежината треба да се префрли на државата, а да не се условува самата клиника. Ќе се задолжи државата и ќе треба да има лек за секого, а нема да има потреба во тој случај ни од рационалност, ни од  онколошки конзилиум дали одлучил исправно или некаде потфрлил и можеби донел не баш издржана одлука“, кажа тогаш пред пратениците д-р Клисарова.

А токму тоа и го бараат онколошките пациенти.

Сега се бориме да добиеме нови, помодерни лекови и биолошка терапија да се стави на позитивната листа со што во голема мера ќе ни се олесни лечењето, а пацинетите и финансиски ќе бидат растоварени. Поентата е да се обнови позитивната листа и набавката на биолошката терапија лекови да оди преку Фондот за здравствено осигуравње,  а не преку Клиниката за онкологија. Кога ќе нема лекови ние сами ќе ги купуваме, а потоа Фондот ќе ни ги рефундира. Нам можеби поголем проблем во борба со болеста ни се административните пречки отколку самата борба со болеста“, вели Марјановиќ.

Уште едно решение за онколошките пациенти е и ставањето во функција на КАТО системот за автоматизирана подготовка на цитостатици, со што би требало да се оневозможи манипулации со лековите.

Во врска со овој систем кој служи за дозирање и контрола на терапијата, министерот за здравство Фатмир Меџити пред собраниската Анкетна комисија кажа дека пред да биде обелоденет случајот Онкологија скандалот да излезе во јавноста се правеле финансиски анализи дали системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата.

Со ребаланс на Буџетот е обезбедно негово враќање во функција“, кажа во октомври 2023 година Меџити.

ФЗО купувал само здравствени услуги, ама не и лекови

Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) велат дека институцијата е само купувач на здравствени услуги и не набавува лекови туку тоа го прават Јавните здравствени установи (ЈЗУ), во конретниот случај Клиниката за онкологија и радиологија во соработка со Министерството за здравство. Од ФЗОМ за МКД.мк велат дека буџетот се крои според барањата на клиниките како што е и оној на Клиниката за онкологија. Оттаму на увид ни беше доставен буџетот наменет за оваа клиника за последните три години.

Буџетот е направен според барањата и потребите на клиниката. Во текот на 2023 година, почетниот, годишен вкупен буџет (договорен надоместок) за Клиниката за онкологија и радиотерапија изнесува 1.719.200.000 денари, од кои дел е условен надоместок односно буџет во износ од 1.200.000.000 денари и тој е наменет за набавка на лекови кои не се на позитивната листата на лекови за кои Фондот има дадено согласност за нивна набавка. Со одлука на Упрвниот одбор (УО) од мај 2023 година, по барање на Клиниката за онкологија договорниот надоместок (буџет) е зголемен за 60.000.000 денари за набавка на лекови од позитивна листа за лекување на пациентите на Клиниката и со тоа вкупниот договорен надоместок изнесува 1.779.200.000 денари. Со одлука на УО од јуни 2023 година пак, вкупниот договорен надоместок е во износ од 1.787.170.009 денари. Основниот буџет односно договорниот надоместок е зголемен заради усогласување со измените во Колективниот договор за здравство“, велат за МКД.мк од ФЗО.

Оттаму потенцираат дека согласно Барањето за дополнителен буџет за лекови доставено од страна на клиниката, на седница УО од септември 2023 година, условниот надоместок за лекови е зголемен за 120.000.000 денари и е во вкупен износ од 1.320.000.000 денари. Вкупниот договорен надоместок е зголемен за 47.573.000 денари кои се наменети за плаќање на долгови кон други добавувачи.

Со ова, вкупниот договорен надоместок утврден со Одлука на УО на 11 септември 2023 година е во износ од 1.954.743.009 денари. До сега, од вкупниот условен надоместок, (буџет) за лекови во износ од 1.320.000.000 денари, вкупно искористен условен надоместок на Клиниката е во износ од 800.000.000 денари“, велат од Фондот.

Извор: ФЗО

Што се однесува до 2022 година, почетниот буџет (договорниот надоместок) за Клиниката за онкологија утврден со Одлука на УО на 27 јануари 2022 година бил 865.797.000 денари. Во текот на 2022 година, со Одлука на УО месец август 2023 година, буџетот е зголемен за 200.000.000 денари, наменски средства за набавка на биолошка терапија односно лекови кои не се на листата на лекови и за кои Фондот има дадено согласност за набавка на истите. Зголемување на договорниот надоместок е согласно доставено барање за зголемување на договорниот надоместок од страна на Клиниката.

Извор: ФЗО Договорниот надоместок за период 2020-2023

Според податоците на онколошките пацинети има десетици лекови кои не се на позитивна листа, а им се неопходни за лекување.  Меѓу нив како најпотребни се феско, кадсија (лакајла), фаслодекс, декапептил, палбоциклиб и рибоциклиб. Овие лекови да се купат на приватно чинат од најмалку 100 па сѐ до 1000 па и 2000 евра за една потребна доза терапија која во зависност од пацинет до пацинет се прима од еднаш месечно па до еднаш на три месеци.

Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ