Македонска навигација (М – НАВ) како давател на услуги во воздухопловството гарантира дека безбедноста ниту била, ниту ќе биде загрозена, рече денеска на прес-конференција претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди.
Прес-конференцијата се одржува по вчерашниот инцидент во М-НАВ каде што неколку лица упаднаа во институцијата и нападнаа вработен и откако Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека во знак на поддршка на нивните синдикални активности, 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници ќе се повлечат од раководните позиции.
Во однос на вчерашниот упад во редарската соба и нападот на дел од вработените во Контролата на летање, Хамиди истакна дека се случил немил настан и тоа не смеело да се случи, но според него, тоа е конфликт меѓу двајца колеги кои се познаваат 20 години, заедно биле на школување и обука.
„Има набој на енергија. Лична конфротација. Лицата се вработени во М-НАВ и тоа е сѐ што можам да кажам. Има камери и тоа ќе се утврди. Поради фактот дека повисоките органи се занимаваат со истрагата, во интерес на истрагата, не сакам да навлегувам понатаму“, додаде директорот.
Вработените кои што го подржаа Тасевски ги нарече замаени.
Хамиди рече дека претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски постапува од негови лични мотиви и интереси и како што рече, „не нѐ остава да си ја вршиме работата и оти репутацијата на компанијата е доведена во прашање поради лажни клевети“.
„За жал, имаме лукративни и лични интереси и нека му е на чест. Тој кажува за непотизам и за партиски вработувања само заради дефокусирање на јавноста. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, тогаш беше примен и тој, истовремено и брат му работи како контролор“, рече Хамиди.
Тие што ги исполниле условите на конкурсот за кој реагираше Синдикатот, според Хамиди, се примени, а некои заради неуреден стаус не се. Отворени се, како што рече, за сите можни постапки од институциите, Антикоруциската, Финансиската полиција, Обвинителството.
Хамиди рече дека е подготвен да даде оставка, но како што посочи, Владата веќе најавила дека ќе го разреши целото раководство.
По вчерашниот инцидент во М-НАВ, Владата најави разрешување на раководството и ревизија во оваа институцијата, а Струковиот синдикат на контролори на летање генерален штрајк доколку директорите не поднесат оставки или не бидат разрешени.