РСФ на почетокот на октомври објави извештај според кој руската агенција РТ ја користи својата редакција во Белград за ширење дезинформации на Балканот во полза на рускиот режим.
„РТ Балкан не ја увезе руската пропаганда во Србија, но го прифати наративот на Кремљ и го нуди на публиката што му овозможува без проблеми да го шири низ целиот регион“, тврди РСФ.
Со дозволувањето тоа да го прави, „српската влада се претвори во мегафон, акцелератор на пропагандата на Кремљ во регионот“, продолжува западната невладина организација.
Прозваниот медиум на овие обвинувања одговори дека „Рт Балкан постои од само една причина – да ги нервираме Репортери без граници“.
Од почетокот на конфликтот во Украина, земјите од ЕУ ѝ воведоа санкции на Русија и ги прогласија руските медиуми за непожелни, но Белград не го направи тоа па РТ и Спутник слободно работат во Србија.
РСФ се закани дека ќе побара од Брисел борбата против „руската пропаганда“ да се направи предуслов во процесот на пристапување во Унијата.
Портпаролот на Европската комисија Петер Стано за Франс прес кажа дека ЕУ наметна санкции против руските медиуми, суспендирајќи ги активностите на емитување од земјите членки бидејќи тие медиуми „станале инструмент на Кремљ во војната против Украина“ и „канали за манипулација со информации“.
Тој порача дека Србија, како земја кандидат за влез во ЕУ, мора да преземе итни мерки во „борбата против дезинформирањето и манипулациите со информации против ЕУ и нејзините членки“.