вторник, 22 октомври 2024

Регулацијата е прв чекор во заштитата од (зло)употреба на вештачката интелегенција

Објавено на

часот

Сподели

На 11 мај годинава Европската Унија (ЕУ) соопшти дека надлежните комитети го усвоија нацрт-текстот  за првите правила за вештачка интелигенција составени во таканаречениот Акт за дигитални услуги.

Целта на предлогот е да се обезбеди системите за вештачка интелигенција да бидат надгледувани од луѓе, да се безбедни, транспарентни, да можат да се следат, да бидат недискриминаторски. Исто така се предлага да се создаде униформна дефиниција што е тоа вештачката интелигенција. Според предлагачите, дефиницјата треба да биде технолошки неутрална, за да може да се применува на системите за вештачка интелигенција не само денес туку и во иднина.

Европската Унија предводник на регулацијата на AI

„Правилата го следат пристапот заснован на ризик и воспоставуваат обврски за давателите на услуги и корисниците во зависност од нивото на ризик што вештачката интелигенција може да го генерира. Системите за вештачка интелигенција со неприфатливо ниво на ризик за безбедноста на луѓето би биле строго забранети, вклучувајќи системи кои користат намерно манипулативни техники, ја искористуваат ранливоста на луѓето или се користат за класификација на луѓето врз основа на нивното социјално однесување, социо-економски статус, личен карактеристики“, објави Европскиот парламент.

Исклучок од овие правила ќе биде можен само ако вештачката интелигенција се употребува за истражувачки цели.

Романскиот европратеник Драгос Тудораче вели дека со оглед на длабокото трансформативно влијание што вештачката интелигенција ќе го има врз нашите општества и економии, Законот за вештачка интелигенција е многу веројатно најважниот дел од законодавството во овој мандат на Европскиот парламент.

„Тоа е првото законодавство од ваков вид во светот, што значи дека ЕУ може да го предводи патот во правењето вештачка интелигенција човечкоцентрична, доверлива и безбедна. Работевме на поддршка на иновациите со вештачка интелигенција во Европа и да им дадеме простор на почетниците, малите и средни претпријатија и индустријата да растат и да иновираат, притоа заштитувајќи ги основните права, зајакнувањето на демократскиот надзор и обезбедувајќи зрел систем на управување и спроведување на вештачката интелигенција“, вели Тудораче.

Новиот закон промовира таканаречени контролирани средини, кои ќе ги одредат властите во секоја држава во кои употребата на AI прво ќе биде тестирана пред да биде пуштена во употреба.

Регулацијата на AI е неопходна за заштита на квалитетното новинарство и човековите права

Ние не треба да се плашиме од вештачката интелегенција сѐ додека ги штитиме човековите права, вели извршниот директор на Меѓународниот прес институт Фране Мароeвиќ. За него не е спорно дека вештачката интелегенција може и треба да се регулира.

„Се разбира дека вештачката интелегенција може да биде регулирана. Сѐ зависи од тоа како ќе пристапите кон тој процес. Некои сметаат дека треба да се регулира употребата на алгоритмите некои пак велат дека треба да се регулираат ефектите од работата на алгоритмите. И сега постојат некои правила за регулација но технологијата се менува па така и регулацијата мора да се менува. Она што е најважно е дека регулацијата мора да се темели на заштита на човековите права“, вели Мароевиќ.

фране мароевиќ

За германскиот новиннар Кристијан Јакоб нема дилема дека дека одговорноста за (зло)употребата на вештачката интелегенција во новинарството има свое име и презиме.

„Оние кои шират дезинформации се обидуваат да оспорат цели идеологии, да одат против науката и против она што тие го нарекуваат ‘мејнстрим медиуми’. Една од техниките за да се заштитат самите новинари е да ‘водат евиденција’ за сѐ она што се случува и јавно да ги осудат луѓето кои шират лажни вести и информации“, вели Јакоб.

јакоб

Ние сè уште не знаеме на кои сè начини вештачката интелегенција (АИ) може да влијае врз нашите животи и уривањето на човековите права, вели новинарката на Њујорк Тајмс, Џулија Ангвин.

„Постојат четботови кои можат да создадат лажни вести од медицината или да шират други лаги но сепак тие немаат чувство за тоа што се факти. Затоа е важно како луѓето ја користат вештачката интелегенција а не што тие четботови можат да направат“, вели Ангвин.  

Затоа таа смета дека Европската Унија има интересен и иновативен пристап во регулацијата со тоа што Европа ќе биде прва во светот што со закон ќе го уреди ова прашање.

За комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ пак регулацијата на вештачката интелигенција е слаба.

„Европа веќе размислува и дебатира за формирање на ново тело бидејќи опасноста е веќе тука. Се надевам дека предлозите ќе бидат земени во предвид. Во 2018 година, Естонија беше една од првите земји во кои се дискутираше на оваа тема. Овде сме да зборуваме за потребата од регулација, ни треба механизам за заштита поради недостиг на едукација и информации. Секогаш ќе бидам на страната за воспоставување на насоки и стандарди. Порано зборувавме за медиумска писменост, а сега веќе говориме за писменост за вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција не е нешто кое е измислено вчера, но проблемот е многу поголем од слободата на изразување. Последно нешто што сакам да го видам е да бидат загрозени новинарите и нивната слобода на изразување и тоа мора да го заштитиме“, потенцира Мијатовиќ.

дуња

Европскиот парламент смета дека европратениците сакаат да го зајакнат правото на граѓаните да поднесуваат жалби за системите за вештачка интелигенција и да добиваат објаснувања за одлуките засновани на високоризични системи за вештачка интелигенција кои значително влијаат на нивните права. Европратениците ја реформираа и улогата на Канцеларијата за вештачка интелигенција на ЕУ, која ќе има задача да следи како се спроведува правилникот за вештачка интелигенција.

Италјанскиот европратеник кој учествуваше во подготовката на нацрт-предлогот на Актот за дигитални услуги, Брандо Бенифеи, вели дека Европската Унија е на работ да воведе значајно законодавство  што мора да се спротивстави на предизвикот на времето.

„Од клучно значење е да се изгради довербата на граѓаните во развојот на вештачката интелигенција, да се постави европскиот начин за справување со вонредните промени кои веќе се случуваат, како и да се насочи политичката дебата за вештачката интелигенција на глобално ниво. Уверени сме дека нашиот текст ја балансира заштитата на основните права со потребата да се обезбеди правна сигурност на бизнисите и да се стимулираат иновациите во Европа“, вели Бенифеи.

На крајот на минатиот месец на регулација на вештачката интелегенција повикаа лидерите на Г7 најразвиени индустриски земји, на самитот што се одржа во Хирошима, Јапонија.

Тие повикаа на развој и усвојување на технички стандарди за да се одржи вештачката интелигенција „безбедна“, нагласувајќи дека правилата за дигитални технологии како што е вештачката интелигенција треба да цветаат „во согласност со заедничките демократски вредности. Тие се согласија да формираат министерски форум наречен „Хирошима AI процес“ за да разговараат за овие прашања“, јави новинската агенција Ројтерс.

Самитот следи по минатомесечниот состанок на министрите на Г7, каде што членовите на групата, САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Канада и ЕУ,  соопштија дека треба да усвојат правила за вештачка интелигенција заснована на ризик.

                                                                                                                                            Искра Опетческа

(Овој текст е изработен во рамките на Светскиот конгрес на Меѓународниот прес институт, на кој група новинари учествуваа преку проектот на Институтот за комуникациски студии ‘Користи факти’, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ