петок, 8 ноември 2024

Реформска агенда, Планот за раст не е алтернатива за проширувањето на ЕУ

Планот за раст е јасен доказ за посветеноста на ЕУ кон нашите партнери од Западен Балкан дека има кредибилен начин и пат кон пристапувањето во Унијата. Ова е пат кој нуди предности пред самото пристaпување, но кој исто така придонесува кон забрзување на пристапниот процес под услов да се случат фундаменталните реформи. Важно е да се нагласи дека Планот за раст не е алтернатива на проширувањето на ЕУ, тоа е понуда која ќе го надополни и забрза процесот на пристапувањето.

Објавено на

часот

Сподели

Ова го истакна евроамбасадорот Михалис Рокас на презентацијата на Реформската агенда на Владата (2024-2027), која се однесува на Планот за раст на Европската комисија, на денешната седница на Комисијата за европски прашања која се одржа во Собранието на Македонија. Тој пред членовите на оваа Комисија истакна дека Инструментот за реформи и раст е суштински дел од Планот за раст и е дополнување на ИПА – инструментот за претпристапна помош и останатите механизми.

„Реформската агенда која ја претставува Министерството за европски прашања е одраз на најважните приорети за кои Северна Македонмија доби индикативна распределба на 750 милиони евра.  ЕК веќе ја прифати реформската агенда која има високо ниво на амбиција… Ослободувањето на овие средства ќе биде условено со успешна имплементација на реформските агенди за нашите партнери од ЗБ покривајќи ги и реформите во областа фундаменти и социо-економските реформи во тесна соработка со ЕК. Собранието има навистина важна улога во овој процес. Следниот чекор е ратификацијата на инструментот и Договорот за заемот од страна на Собранието. Ова ќе и овозможи на земјата да го побара претходното финансирање за реформите, кое изнесува 7 отсто, односно околу 52,5 милиони евра за вашата земја“, рече Рокас.

Тој истакна дека предизвиците кои престојат се поврани со воспоставување на национални структури за имплементација, мониторинг и известување, а знаејќи ги слабите административни капацитети во земјата, соработката и координацијата со Министерството за европски нпрашања и со Министерството за финансии, рече, ќе биде од суштинско значење за да се постигнат соодветни резултати. Ја истакна и коорднацијата меѓу донорите и комуникацијата со сите чинители ќе биде важна за да нема загуба на доспеаните средства ниту удвојувања.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, на седницата истакна дека реформите предвидени во, сега веќе одобрената Реформска агенда од страна на ЕК, имаат за цел да го забрзаат процесот на интеграција и истовремено да ја унапредат нашата економија, правниот систем, јавната администрација, како и да ги зајакнат правата на граѓаните, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

„Имплементацијата на оваа агенда ќе биде внимателно следена, при што ќе се воспостави национална структура за надзор на известувањето, оценувањето и механизмите за ревизија согласно барањата утврдени во Регулативата за инструмент за реформи и раст. Посветеноста на Владата и Министерството за европски прашања за ефикасно следење и отчетност ќе обезбеди услови за да ги постигнеме поставените амбициозни цели, односно дека напредокот на реформите ќе биде транспарентен и опиплив“, рече Муртезани.

Тој изрази увереност дека спроведувањето на Реформската агенда, заедно со континуираното усогласување на нашиот правен и институционален систем со оној на ЕУ, ќе обезбеди неопходна основа за забрзана, суштинска интеграција во Европската Унија.

„Реформската агенда за периодот 2024-2027, заедно со деталните скрининг извештаи за сите кластери и Патоказот за владеењето на правото и реформата за јавната администрација, поставуваат јасни приоритети за Владата, Собранието и сите засегнати страни во нашиот процес на пристапување во ЕУ. Имплементацијата на овие реформи ќе бара колективни напори, не само од Владата и Собранието, туку и од граѓанското општество, приватниот сектор и пошироката јавност“, порача министерот Муртезани.

На седницата пред присутните се обрати и претседателката Гордана Сиљаноска – Давкова која оцени дека Планот за раст е чекор за поздравување оти вели не сме имале досега ЕУ-ЗБ партнерство кое ќе овозможи учење во од, со финансиска помош која ни е потребна, а кој води до единствениот европски пазар. Според неа тоа е многу важно оти резултатите ќе бидат заеднички, а и одговорноста ќе биде сподлена. Таа е оптимист дека Реформската агенда е остварлива.

„Мислам дека вреди да се биде оптимист. Знаете колку пати сум ја критикувала ЕУ дека после Солун немала вистинска стратегија за ЗБ, дека доцнела, дека некогаш не преземала одговорност, ова е мислам еден исчекор. Значи имаме агенда, нејзиното спроведување велиме дека не е невозможно, разбрани сме, не поддржуваат. Тоа е веќе европско-балкански чекор и мислам дека од успехот или неуспехот на овие процеси, а јас верувам дека ќе бидеме успешни, тоа и денес ми се докажува, дека навистина Планот за раст и реформската агенда ќе можеме да ги направиме реалност. Тоа ќе биде инспиративно и за сите други, но, најинспиративно ќе биде за довербата кај граѓаните, бидејќи се надевам дека кога ќе се видат првите резултати на европеизација, хомо балканикус ќе си се почувствува дека е хомо политикус, а граѓаните ќе почувствуваат дека имаат европска иднина, но не како цел, туку како нешто што се остварува“, рече Сиљановска Давкова.

Во дебата таа укажа дека најважен е капацитетот на тие 20 институции вклучени во имплементацијата на реформите, а во Владата најважна е, вели, соработката и капацитетот на министерствата за европски прашања и за финансии. Во однос на трошењето пари, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека не смееме да заборавиме дека сега постои механизам според кој мора да ги вратиме парите ако се утврдат неправилности со мерките.

„Значи од една страна внатрешната контрола е многу битна по мене, а од друга страна можеби најбитна е контролата од страна на ревизорите или ние имаме убаво мислење, со право, за Државниот завод за ревизија, ама сега тој добива дополнителни надлежности за контрола. По мене тоа се тие клучни мерки на кои треба да се концентрираме. Министерството за финансии е надлежно за Договорот за заем, парите ни требаат за реформи, значи треба во целиот процес да има интегриран систем на мониториг за да може да не ги трошиме парите како што сме знаеле да ги трошиме бидејќи ќе треба да ги враќаме. И затоа надзорната улога на Парламентот, на Националниот совет, на оваа Комисија овде, постојано да ги држите под контрола, ќе биде важна оти ќе овозможи транспарентост“, појасни Сиљановска-Давкова.

Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, кој претседаваше со седницата, во своето обраќање истакна дека она што е важно е што Планот за раст како политички инструмент е таков што не може да биде блокиран од која било земја членка заради одрдени политички несогласувања или некакви нерационални спорови. Оставарувањето на Планот за раст на ЕК зависи, рече тој, исклучиво од капацитетот на земјата да реализира што повеќе реформи во овие шест области.

„Ваквиот мерлив и транспарентен модел на поддршка за државите од регионот е гарант дека секоја земја ќе може да напредува и да добие поддршка според остварените реформи. Овие принципи, владеачкото мнозинство ги поддржува, но сигурен сум дека ќе имаме и поширока политичка поддршка во македонското Собрание бидејќи се работи за заедничка цел“, рече Милошоски и апелираше до сите чинители добро да ја разгледаат оваа прилично амбициозна реформска агенда и да дадат поддршка за неа.

Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со ЕК и ќе опфати приоритетни области како реформи на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување кои се клучни за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок за државата. Инаку, денешната седница на Комисијата за европски прашања е воведна расправа за Реформската агенда усвоена од Владата, а вакви расправи, претседателот на Комисијата најави дека ќе има на секои шест месеци, по потреба и поскоро за да се врши надзор на динамиката на реформите што власта ги предвидела со ЕК. Се очекува наскоро да се формира и составот на Националниот совет за европски прашања, со кој ќе претседава опозицијата.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ