сабота, 21 декември 2024

Рефорд: Лани обвинителството не покренало ниту едно обвинение за дрвокрадство од 200 кривични пријави од Шумската полиција

Граѓаните немаат доверба во надлежните институции коишто треба да се справаат со нелегалната сеча на шумата, како и во судовите и обвинителствата, кои се надлежни за санционирање на прекршителите на Законот за шуми, покажа истражувањето на здружението Рефорд во рамките на проектот „Борба против нелегални шумски активности”.

Објавено на

часот

Сподели

Сашо Петровски претставник на Рефорд при денешната презентација на резултатите од истражувањето посочи дека било испитано јавното мислење за нелегалните шумски активности кај корисниците на производи од дрво и сопствениците на приватни шуми. Теренската анкета била спроведена како структурирано интервју со 515 испитаници во осум општини од осумте плански региони во Македонија. Посочи дека алрмантни се бројките за нелегалната сеча на шумите. Неформалните податоци на Организација за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) говорат дека годишно на нелегално се сечат околу 500.000 метри кубни дрво, или тоа се дрва наредени во должина од 500 километри, а со висина од еден метар.

„Формалните бројки одат некаде до 30.000 кубни метри на годишно ниво штети во шумите. Меѓутоа одредени истражувања коишто беа направени 2017 година по методолгија на ФАО укажуваат дека бројките се можеби десеткратно поголеми. Така да заклучоците различните групи на истражување, какошто се корисниците на производи од дрво, пред се огревно дрво, сопственици на приватна шума, сопственици на дрво, преработувачки капацитети и општини се горе-доле се во иста линија дека не се задоволни од работата на надлежните институции и обвинителите и судовите во однос со справувањето на оваа појава“, вели Петровски.

Забележа дека Македонија е една од ретките земји којашто има шумска полиција во регионот.

„Нема во Европа или во нашето опкружување такво нешто и тие бројат некаде околу 380 службеници, плус ја имаме и шумочуварската служба во Национални шуми, којашто брои околу 200 луѓе и шумочуварска служба во Националните паркови. Вака на прв поглед таа бројка треба да укажува дека имаме капацитети за да се справиме. Но, дали нивната работа е ефикасна, дали имаат доволно средства за работа, дали се доволно мотивирани и дали пак имаме корупција во самите институции, коишто треба непосредно да се справат со овие појави. Во однос на инспектори во Државниот инспекторат за шумарство и водостопанство за жал со години капацитетот се намалува“, вели Петровски.

Шумската полиција лани имала 200 кривични пријави за дрвокрадство, но какошто вели Петровски ниту една од страна на обвинителството не е покрената за да оди пред судовите.

Даниела Иротова-Лазарева државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Посочи дека има неусогласенот на законските решенија за поголема ефиканост на институциите, кои на терен се справуваат со спречување на илегалната сеча на шумите. Таа истакна дека потребни се интервенции во Кривичниот законик, потоа Законот за шуми, каде треба драстично да се зголемат казнените мерки и дрвокрадството да добие степен на кривична одговорност.

Што се однесува за донесување на новиот Закон за шуми, чија изготовка е почната во 2019 година, Иротова-Лазарева вели дека за жал сѐ уште не завршен.

„Го интезивираме и се обврзавме до март да имаме нов Закон за шуми, кој ќе биде функционален каде што ќе бидат вклучени сите аномалии, коишто се досега и ќе биде вклучен и овој дел со дрвокрадството, со тоа што ќе предвидиме законски високи казни за дрвокрадците и ќе се регулира материјата на контрола и на санкциите во поглед на поднесените пријави“, вели Иротова-Лазарева.

Таа додаде дека за заштита на шумите од пожари предвидени се законски усогласувања во Законот за Противпожарна заштита и формирање на ТППЕ во општините каде што засега ги нема.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ