недела, 3 ноември 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Референдумот на кокошвабите

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

1.

Тој ден сонцето во Апсурдистан не изгреа. Беше многу збунето и уплашено и долго се мислеше што да прави. Најпосле отиде во кафеана и се препи.

Ете тој ден, граѓаните на Апсурдистан требаше да гласаат на општонародно изјаснување каде требаше да се произнесат по прашањето „Дали граѓанинот Шљупков од утре да го викаме Шупков и притоа сонцето да почне да изгрева од запад, а не од исток, во спротивно нема да му дадеме да изгрева?“

Сѐ беше напнато во Апсурдистан. По наредба на Големиот Зајак, петлите ја огласија зората што не се појави. Тревата престана да расте, воздухот нервозно цупкаше во место, дури и тврдоглавите магариња за миг престанаа да ги проучуваат халдејските списи и со влажни очи гледаа во прекрасното изгрејсонце на новиот ден што го немаше. Единствено ежовите, тие непоправливи реакционери, и натаму ја читаа „Пропаста на Западот“ од Освалд Шпенглер во своите дупки, добро внимавајќи да не ги види некој зајак.

Кокошките најпрвин се облекоа свечено, како што беше предвидено за таков највисоко граѓанско-државен сведен: прво си наклапушија лавовска грива, потоа со сериозност што граничеше со страхопочит ги облекоа скапите и намирисани волчешки руби чувани специјално за овој ден, заводливо си ги навреа орелските канџи (кокетно гледајќи во петлите) и најпосле си ги протнаа ноџињата во високите потпетици позајмени од бубашвабите и тргнаа да се изјаснуваат:

– Кокода… да!…да!…да! – Кокода… да!… да!… да! Кокода…

По наредба на Големиот Зајак, петлите го огласија пладнето што го немаше.

– Кокода… да!…да!…да! – Кокода… да!… да!… да!… Кокода…

По наредба на Големиот Зајак, петлите ја огласија квечернината што ја немапе.

– Кокода… да!…да!…да! – Кокода… да!… да!… да! Кокода…

2.

Вечерта на Шљупков му се сонеше чуден сон: си пливаше тој така некаде таму, кога една недопржена риба скокна од тавчето и му го голтна љ-то! Наеднаш се најде меѓу две темни карпи и не мирисаше баш убаво, кога една аждаја, шарена како некоја врата што тврдоглаво ја зјапа некое теле, му се пушти од нигде и му го голтна и в-то! Карпите се претворија во ридови што паѓаат, а спроти нив нагоре се креваа лижавчиња. Туку глеј, од едно лижавче се подаде еден левијатан и му го голтна и к-то! Таман си мислеше дека целиот е готов, кога одеднаш трасна во пустина. Пустината беше мека и необично слатка. Тогаш сфати дека тоа е кафеав шеќер и лакомо почна да лиже. Но дури откако почна да го пече јазикот сфати дека тоа се жолто-сини мравки кои од некоја причина се преправаа дека се кафеави и дека се шеќер. И уште не стигна да офне, а мравките му го изедоа о-то, сосе дупката во него! Баш како што просветар јаде ѓеврек!

Потоа долго тонеше во бесознание, бројки, букви и окултни симболи од раноготски катедрали му се мрешкаа пред очите, кога одеднаш повторно почувстува простор околу себе. Наеднаш почнаа да врнат зелки и моркови одоздола и одозгора. Тоа му беше знак дека следниот ѕвер ќе посегне по Ш-то. „Е сѐ давам, Ш-то“ не го давам!“ – одеднаш му проструи неочекувана јуначка смелост, но тогаш од сите страни почна да го настигнува едно величествено чудовиште чие име не смее да се изговори без покорна страхопочит –  Големиот Зајак! Се грабаа, се влечеа за Ш-то, но Големиот Зајак со безбројните негови шепи го исклоца  во длабока бездна Уп – тоа сега беше сѐ што остана од Шљупков, но тоа читателот сигурно го знае ако внимателно го следеше овој деликатен и многупоучен сон. Во тој миг се почувстува неприродно лесен и трансцендентно празен како свиња после колење.

Срипа од креветот.

Зема воздух длабоко, како некој што се вратил од клиничка смрт – или како некој што сака сочно да опцуе – и свика:

– У п… Но тогаш се сети дека му беа останале само две букви и не можеше да си ја доврши пцовката. Одеднаш, неговата соба не беше веќе негова, ниту неговиот кревет негов, сѐ почна сиво да се мрешка, сивото почна да се клешти и галопира сѐ дури не поприми облик на најстрашните чудовишта: недобројни сукуби и инкуби со вратоврски. Тогаш сфати дека воопшто не се разбудил и – немајќи за што да се фати, само списка:

– П у !

Сукубите и инкубите со вратоврски, пак, збеснати и разјарени дека нашол начин да ги понижи само со две букви (ним и самиот Голем Зајак им се тресеше) ги изгризаа и последните букви…

Во станот на граѓанинот Шљупков, низ прозорецот од неговата спална соба осамна утрото што всушност не беше утро, зраците што всушност не беа зраци му го помилуваа лицето што го немаше. Една празнина, тажна и лесна, се крена од неговиот кревет со провевот низ прозорецот и ветрот ја оддува… некаде таму… северно од Апсурдистан.

3.

Во меѓувреме, пред да затвори кафеаната, Сонцето како прав џентлмен, се исправи и ѝ тутна еден бесценет зрак на кафанската пеачка во деколтето. Потоа со последни сили нарача уште една ракија…

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Кристијан Фидановски

Победникот во Пенсилванија влегува во Белата Куќа

Зоран Дабиќ

Закана по мирот или тигар од хартија?

Илина Качинске

Вештачка интелигенција и проблемите кои ги обелоденува во образованието

Христијан Илиевски

Македонија и евроинтеграциите: чекајќи го Годо

Филип Клетников

Нe лажете госпоѓо Фон дер Лаен, Македонија не презела обврска за...

Ристо Цицонков

Преселба на мигранти во други земји – експеримент со човечки судбини

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ