четврток, 24 октомври 2024

Реџепи од Атина: Енергетскиот сектор годинава е многу постабилен

Енергетскиот сектор е во многу постабилна состојба, регионот ја преживеа енергетската криза и сега веќе пловиме во помирни води со стабилизирани цени, изјави извршниот директор на Номагас Бајрам Реџепи, по неговото учество на министерскиот состанок на Групата на високо ниво за енергетско поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), што денеска и утре се одржува во Атина, Грција.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Реџепи вели дека регионалното поврзување е важно, како и интерконеторот со Грција, кој освен за природен гас ќе биде и за пренос на водород. Тој потенцира дека изградбата на регионална централа во ТЕЦ Неготино ќе биде еден од најважните енергетски проекти во државата.

„Оваа година енергетскиот сектор е во многу постабилна состојба. Сигурно се сеќавате дека претходната година беа најавени многу лоши сценарија дека регионот ќе остане без природен гас, без електрична енергија, поради руската инвазија во Украина, но регионот преживеа и во моментов е многу стабилен пазарот на природен гас и пазарот на електричната енергија. Секако и цените се стабилизираа, така што можеме да кажеме дека регионот преживеа, ја преживеа кризата и наредниот период ќе пливаме во многу помирни води, ќе има доволно капацитет и колични за природен гас и за електрична енергија и секако дека во наредниот период не се очекуваат драматични промени во овој важен сектор“, истакна извршниот директор на Номагас, Реџепи во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Во однос на интерконекторот со Грција објасни дека постоеле мали оправдани временски поместувања, за интерконецискиот вод, освен за природен гас со Грција, да биде и за водород.

„Се направија потребните измени во спецификацијата на сите материјали што треба да се користат, за да биде спремен за пренос на водород и тоа е многу добра вест, бидејќи овој проект не е само гасно поврзување, туку и водородно поврзување меѓу двете земји и тоа оди во прилог на планот на нашата Влада за изградба на една огромна регионална централа во ТЕЦ Неготино, како и складиште за водород, така што мислам дека ги задоволува сите потребни услови за да биде еден од најважните енергетски проекти во државата“, посочи Реџепи.

Неговите очекувања се дека тендерските постапки што се во тек, ќе бидат завршени кон крајот на февруари и во првата половина на март, Македонија ќе биде подготвена за почеток на изградбата, за до крајот на 2025 година, овој проект да биде оперативен.

„Ќе овозможи снабдување не само од нашиот источен сосед, туку и од јужниот коридор, исклучително важен за диверзификација на нашите извори за снабдување, бидејќи ќе имаме пристап и до сите ЛНГ терминали што во мометов се оперативни во Грција, така што ќе биде огромен придонес за нашето снабдување со природен гас, но не само за нашето, туку со овој проект ние ќе овозможиме да се снабдуваат и нашите северни соседи како Србија и Косово и секако ќе има голем придонес за новата мапа на снадување за цела источна Европа, но секако и за нашиот регион“, истакна Реџепи.

За учеството на министерскиот состанок, на кој присуствува и еврокомесарката за енергетика, рече дека е исклучително важен, бидејќи се дефинираат правците на развојот, посебно на регионалното поврзување, а по војната во Украина се менува европската мапа на снабдување.

„Се дефинира и акцискиот план за наредните години за развојот на енергетскиот сектор во регионот со исклучителна важност на гасното поврзување и новото поврзување на инфраструктурата за водород, секако и интерконективните водови за електрична енергија меѓу земјите, бидејќи во различни земји има различни извори на енергија и регионалното поврзување е од исклучителна важност, бидејќи се овозможува стабилност во системот, посебно во електричната енергија, но и во снабдувањето со природен гас, така што состанокот беше многу корисен, бидејќи се дефинираат правците на развојот на енергетскиот сектор во регионот на Југоисточна и Централна Европа и секако дека беше исклучително важно и за нас да ги кажеме нашите позиции, нашите приоритети, како за земјата така за целиот регион“, објасни Реџепи.

Реџепи информира дека била отворена и темата за ослободување на дополнителни капацитети во Бугарија, со оглед на тоа дека Газпром го има закупено целиот капацитет на бугарска територија.

„Ние побаравме да се почитуваат европските директиви, односно тие капацитети што се букирани и не се искористени да може да се ослободат, за да имаме повеќе можности за снабдување. Веќе знаете дека претходната година ослободија околу 20 отсто од тие капацитети, за првпат во државата имавме конкуренција во снабдувањето, но секако ќе биде голем придонес за нашето снабдување ако се ослободат и тие дополнителни капацитети, така што ќе се овозможи на повеќе трејдери и снабдувачи да имаат пристап до тој вод и конечно во државата да има независност во смисла на снабдување со природен гас“, објасни извршниот директор на Номагас.

Работната група на високо ниво за енергетското поврзување на Централна и Југоисточна Европа (ЦЕСЕЦ) работи на забрзување на интеграцијата на пазарите на гас и електрична енергија во Централна и Југоисточна Европа.

ЦЕСЕЦ беше формирана од Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Романија, Словачка, Словенија и ЕУ во февруари 2015 година, подоцна се придружија осум договорни страни Македонија, Украина, Молдавија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ