среда, 21 февруари 2024
Поради штрајкот во ФЗО

Рецепти и упати има, ама исплата на породилно и боледување нема

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) стапија во штрајк. Сите подрачни единици, како што беше најавено, денеска нема да извршуваат работни задачи, освен оние најитните. Рецепти и упати се издаваат, но нема исплати за надомест за породилно и за исплата на боледување.

Објавено на

часот

Сподели

„Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и оние кои се во други синдикати. Да останат оние плати што ги добивме со декемвриската. Не бараме ништо повеќе, ами само да ни останат платите во висина како што беа со декемвриската. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата“, рече претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.

Тој апелираше до Владата, на утрешната седница на која веќе пратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери, да отвори точка на дневен ред, да се разгледа нивното барање.

„Како што донесоа заклучок со препорака УО да ги намали платите, да донесат нов заклучок со препорака да остане истата вредност на бодот, тоа 77,16 денари, таа вредност да биде до крајот на оваа година. Во моментов горе во оваа зграда се сите раководители на ФЗО од подрачните единици, вклучително со директорите од централната, на состанок. Направивме иницијатива потпишана од сите директори на подрачни единици, каде гарантираат дека ќе се извршуваат сите работни задачи и дека ќе останат и дека ќе има пари во Фондот за исплата на платите, како што се сега и граѓаните да бидат спокојни, дека ќе има лекови и помагала за сите“, додаде Деаноски.

Тој рече и дека ФЗО е институција со највисок буџет во државата и таа, како што нагласи, секогаш има пари.

„Ќе има пари и да останат овие плати на вработените, како што тоа го договоривме со менаџментот на ФЗО“, појасни Деаноски, додавајќи дека доколку се намалат платите, „само може да биде полошо“.

Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, додаде дека досега нема пријавено никакви инциденти, ниту проблеми.

„Граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме“, нагласи тој.

Дополнително од соопштението што беше испратено во петокот, како што кажа Аџигогов, дека осигурувањето за регулирање за малолетните лица, дека за хоспитализираните лица средување на здравственото осигурување, итните случаи за лекување во странство, „сакам јавно да кажам дека лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба, си продолжуваат непречено да работат“.

Не ни е идејата, воопшто, врз болни лица да тераме правдина во овој момент, истакна Аџигогов.

На прашањето, што од денеска нема да добиваат граѓаните, кои услуги се скратени, тој додаде граѓаните да не се мачат воопшто да доаѓаат за барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомест за породилно, за надомест за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазичните обрасци и така натаму.

„Дополнително од тоа е директниот контакт на подрачните служби што го имаат со сите нас како осигуреници како граѓани. Во моментот, другите служби со нивното прекинување на работа, во моментов не се врши никаква исплата, ниту се обработуваат податоци за цело здравство за сите што имаат договор со нас. Тоа е јавно и огромен дел од приватното здравство. Дополнително, прекинати се сите активности за договорите за вработување во јавно здравство, префрлувањата на договорите за јавно здравство и тие што се со одлука донесени што треба да им се трансформира работниот однос“, рече Аџигогов.

Тој одговори потврдно на прашањето дали може да се испишат лековите на рецепта.

“Да, сервисите што ги дава електронски ФЗО, каде што е поврзан со „Мој термин“, тие си функционираат. Рецепти може да се издаваат, упати може да се издаваат, непречено се примаат здравствени услуги од нашите договорени органи. Нашиот однос од нашите договорни органи тоа е предмет на штрајкот. Не е тоа товар врз граѓаните“, додаде Аџигогов.

Прашан дали ќе има плати во јавното здравство, тој информираше дека таму сега е веќе пресметковен период, како што и за нив, така и за јавно здравство, „така е и за буџетите, така е за капитацијата, сега за сега во моментот не се работи ништо“.

Аџигогов беше прашан и дали причина за намалување на платите од 21 процент, како што бараат од Финансии, се оние нови вработувања за кои огласите се распишани откако беше договорено зголемување на платите, бидејќи имало информации дека не било договорено да се зголемат платите на оние вработени, кои беа тогаш во ФЗО и плус да се вработуваат нови со исто така зголемени плати.

„Тој процес нема врска со технички носење на бодот за исплата на плати на вработените. Согласностите за вработувањата се од минатата година. Значи, од минатата година се започнати огласите. Се надевам дека не е направена техничка грешка, па за нив не е предвидена плата, затоа што како што повеќето знаете, согласноста за вработување во јавниот сектор се дава со веќе определени средства коишто се за новите вработени. Дали се дадени, дали не, тие средства, не сакам да шпекулирам и да навлегувам. Тоа веќе не е предмет за јавноста и воопшто за вработените да трпат. Тоа е менаџерска работа која што треба да си ја следат на ниво министри, влада, директори на ФЗО“, подвлече Аџигогов.

Тој рече оти засега нема информации дали Управниот одбор ќе заседава.

„УО ја прифати дури и таа иницијатива да ја разгледа. Значи, ние бевме и кажано беше, нема проблем, нека поминат изборите, понатаму да продолжиме со разговори, да видиме што е проблемот. Значи, во моментот ниту еден вработен во ФЗО не бара вина, ниту бара кривица ниту од вработените во ФЗО што се на раководни структури, ниту од Министерството за финансии. Едноставно сакаме да ни се реши проблемот и да ни останат истите плати“, појасни Аџигогов.

Тој кажа дека доколку се исполни намалувањето на платите во ФЗО, согласно препораката како што ја дава Владата, тогаш околу 500 вработени паѓаат на и под минималец.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ