Генерацијата од 50-те и 60-те години предводена од Ди Стефано, Генто, Пушкаш и другите и понатаму е најнапаѓачкиот тим во историјата на „кралскиот клуб“, но новата генерација со Роналдо, Ди Марија, Бензема, Озил има шанса да ги надмине и да стане тимот што дал најмногу голови во една сезона во историјата на фудбалот.
Мадриѓаните досега во Примера-дивизија имаат постигнато неверојатни 63 гола на 18 меча, што е просек од 3,5 голови по меч. Со вакво темпо, Реал на крајот на шпанскиот шампионат би имал неверојатни 133 гола и ќе ја надминат Астон Вила од сезоната 1930/31.
Астон Вила пред 80 години, сезоната ја заврши со 128 гола на 42 меча или со просек од 3,04 по меч, па сега останува Роналдо и другите да продолжат да ја забавуваат јавноста со убедливите настапи. Рекордот на Реал Мадрид во Шпанија е 107 гола од сезоната 1989/90, поставен кога кормилар беше актуелниот селектор на Македонија, Џон Тошак.
Во најсилните лиги, Милан го држи рекордот во Серија А од сезоната 1949/50 со 118 гола (38 меча), во германската Бундеслига, рекордот е на Баерн Минхен од сезоната 1965/66 со 101 гол (34 меча), а во Франција на Расинг Париз со 118 гола (38).
Поединечно, Роналдо има шанса да си го надмине ланскиот рекорд. Португалецот има 21 гол, но е предалеку од рекордерот на сите времиња, Унгарецот Ференц Деака, кој во една сезона успеал да постигне неверојатни 66 гола.