сабота, 27 јули 2024

Реакции на изјавата на Петровска – престанете да го заплашувате народот со меѓуетнички конфликти

Објавено на

часот

Сподели

Министерката Петровска во интервјуто за емисијата „Утрински печат“, кое беше пренесено и на официјалната интернет-страница на Министерството за одбрана, истакна дека процесот на „европската интеграција на РСМ е безбедносно прашање, затоа што сите отворени прашања во државата и регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејства и подгревање на страстите“.

Петровска тврди дека посветеноста на Владата и на една поширока неформална коалиција, која се формира околу прашањето за евроинтеграциите и уставните измени, е исправниот пат.

„Политичарите треба да го предводат народот, а не да се кријат зад него. Знам дека е тешко да зборуваме за уставни измени, знам дека е тешко да се зборува за политички отстапки, но големите лидери во политиката се распознаваат по своите дела и не се кријат зад народот. Лесно е да кажете ајде за секое второ прашање да го прашаме народот. Ние треба да донесуваме историски одлуки, од кои зависи иднината на државата“.

На ова Ковачки на својот фејсбук-профил одговара: „Зарем треба ние како пратеници за закани кон Македонија да разбереме од медиуми, на кои Вие ги искажувате ставовите? Зарем пак со исти приказни ќе ја замајувате јавноста?“

„Нејзиниот двор целосно обраснат со трње, а таа зела да мете туѓи дворови“. Вака безбедносни експерти ја коментираа изјавата на министерката за Плусинфо.мк.

Пред неколку недели слична изјава даде и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој порача дека членството на Македонија во ЕУ претставува „лепак за меѓуетничките односи“, а додаде и дека „без европска можност оваа држава тешко ќе дише“. Осамни и во јули минатата година порача дека „неприфаќањето на Францускиот предлог носи ризици за кризи и за меѓуетнички тензии“.

Злате Димовски, професор по криминалистичко разузнавање и тероризам, во разговор за Плусинфо вели дека во моментов не постојат индиции за евентуален меѓуетнички конфликт кој би избувнал по евентуален евроинтеграциски неуспех на земјава. „И едните и другите сакаме да влеземе во ЕУ, никој не е против, па затоа и не постои некој посебен показател кој би можел да ни навести дека утре ќе биде нарушена таа меѓуетничка благосостојба“, изјави Димовски.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов им порачува на функциониерите од власта веднаш да престанат да го плашат народот со евентуални конфликти, а конкретно на министерката за одбрана Славјанка Петровска ѝ порачува да си го гледа сопствениот двор и да не се меша во туѓите дворови.

„Ваквите закани апсолутно не се продуктивни, а заканувачите треба да размислат што зборуваат во јавноста, оти самите се носители на високи позиции. Клучно е тоа што сите политички партии во земјава, вклучително и опозицијата, се за членство на Македонија во ЕУ. Но, дури 80% од македонскиот народ не прифаќа уставни измени, односно не прифаќа внесување на Бугарите во Преамбулата без реципроцитет. Па затоа, власта сега ја крева оваа тема на највисоко ниво и почнува да му се заканува на сопствениот народ со евентуални конфликти и војни. Македонија веќе одамна помина низ тој период на закани и конфликти, па и сега ако не сме способни да обезбедиме стабилност, тогаш тоа значи дека не сме способни за ништо. Власта не смее да поттикнува немири и не смее да наметнува дека главното прашање е дали сакаме во ЕУ или не сакаме. Оти, одговорот е одамна јасен – сите сакаме да ја видиме Македонија во европското семејство. Единствениот проблем е тоа што народот не прифаќа уставни измени под сегашните услови“, објаснува Трајанов.

Свесен сум дека страшно звучи кога министер за одбрана ќе ви соопшти дека можни се меѓуетнички тензии, додава Трајанов, но тој министер за одбрана си има други свои обврски и секирации наместо да дели изјави од ракав и да се меша во работата на внатрешните безбедносни служби.

„Ваквите изјави на Петровска и на Османи претставуваат крајно непочитување и крајно неодговорно однесување кон мнозинскиот македонски народ. Што ако другата страна сега започне да шири такви екстремни закани? Многу малку е потребно за да се влошат актуелните релативно стабилни меѓуетнички односи во Македонија. Ваквите закани апсолутно не се продуктивни, а заканувачите треба да размислат што зборуваат во јавноста, оти самите се носители на високи позиции. Да не го мотивираат народот да започне со контра-закани и со тоа да се дестабилизира државата. Одговорноста на министерот за одбрана и на сите други е да водат сметка за стабилноста на државата и да направат сѐ за да не дојде до нарушување на внатрешната безбедност“, вели Трајанов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ