недела, 20 октомври 2024

Развој на односите и надминување на отворените прашања – соопштение на Сиљановска Давкова по средбата со Радев

Засилен развој на македонско-бугарските односи, надминување на отворените прашања меѓу двете земји, текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија, искористување на бугарските искуства на тој пат, можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области. Тоа се само дел од содржината на разговорите со претседателот на Бугарија, Румен Радев, за што информира претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова во официјалното соопштение испратено од нејзиниот кабинет.

Објавено на

часот

Сподели

„Претседателката посочи дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.

Во тој контекст таа го истакна значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото.

Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакна дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската Унија.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова ја истакна неопходноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа, размена на посети и градење на односи со меѓусебно почитување и поддршка, при што беше истакнато позитивното искуство во соработката на планот на културната размена, којашто придонесува за зголемување на довербата и пријателството помеѓу двете општества.

На средбата беа разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците со кои се соочуваме на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап.

Во интерес на унапредување на мултисекторската соработка, соговорниците ја посочија можноста за вклучување покрај на институционалните и на вон-институционалните чинители, граѓанскиот и бизнис секторот, како и на научно – образовните институции и медиумите.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова упати покана до претседателот Радев за посета на нашата земја, која бугарскиот претседател ја прифати.

Претседателката Сиљановска Давкова на средбата изрази сочувство за денешниот трагичен инцидент во Бугарија, во кој при пад на воен авион, загинаа двајца пилоти на бугарската авијација“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката на Македонија.

Инаку, како што објави МКД.мк, во соопштението што по средбата го издаде кабинетот на бугарскиот претстедател, се нагласува дека Радев „изразил очекување желбата на Сиљановска Давкова за дијалог и разбирање да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ